Фото: РК Бутел

Александар Стефанов, кој беше избран со акламација, како единствен кандидат, беше член на УО на РФМ и доаѓа на местото на досегашниот претседател Живко Мукаетов, кој мошне успешно ја извршуваше оваа функција во изминативе 12 години

РАКОМЕТ – ИЗБОРНО СОБРАНИЕ

Чест и одговорност е да ја претставам мојата програма, 26 години сум во ракометот, дел како играч, а дел како раководител на РК Бутел и овој спорт ми е најголема пасија и желба, рече Александар Стефанов, кој во саботата беше избран за нов претседател на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Стефанов, кој на чело на оваа спортска федерација ќе биде во следните четири години, на Изборното собрание на РФМ беше избран со акламација, како единствен кандидат.
– Мојата програма се состои на некои основни столба, а за здрава основа потребно е да поработиме на инфраструктурата и нејзиниот развој. Во првите две години е планирана изградба на ракометен дом што ќе ги згрижи сите младински и сениорски категории, еден мултифункционален центар што ќе понуди сала, фитнес-центар, канцеларии… Сакаме да формираме лига во мини-ракомет, натпреварување за деца од 8 до 12 години на цела Македонија. Финансискиот аспект на федерацијата е во сигурни раце и веќе разговараме со неколку потенцијални спонзори. Во план е изработка и на софтвер, со кој би се олеснила административната работа. Ни претстои година на големи натпреварувања на кадетската и на младинската селекција, треба да ги активираме и најмладите селекции и да поттикнеме уште повеќе луѓе да бидат дел од ракометот. Ќе ставиме акцент на женскиот ракомет, каде што има голем простор за напредок, а во план е и генерален покровител на женската лига за да го вратиме женскиот клупски ракомет таму каде што припаѓа – рече Стефанов.
Стефанов беше член на Управниот одбор (УО) на РФМ и доаѓа на местото на досегашниот претседател Живко Мукаетов, кој мошне успешно ја извршуваше оваа функција во изминативе 12 години.
– За 12 години, колку што траеше мандатот на оваа раководна гарнитура, не само што успеавме да го реализираме зацртаното туку, патем, се справивме и со голем број предизвици на кои им посветувавме должно внимание, со цел македонскиот ракомет да функционира на завидно ниво – рече Мукаетов при заминувањето од претседателската функција, која ја најави и пред одржувањето на ова Изборно собрание. Г.И.