РАКОМЕТ
Ракометарките на Ѓорче Петров се освојувачи на првото издание на меѓународниот ракометен турнир за жени на отворено, „Ѓорче куп 2021“, откако во финалето го надиграа македонскиот вицепрвак Вардар со 28-23. На патот до финалето, ѓорчепетровки славеа во дуелите со младинската репрезентација на Чиле, со 28-25, и Бор, со 28-25, додека, пак, вардарки беа подобри од Јагодина со 25-24 и Деспина со 30-18.
Третото место му припадна на српскиот првак Јагодина, кој во малото финале беше доминантен со младинската репрезентација на Чиле со 34-19 додека, пак, петтото место го освои екипата на Бор, која со 33-18 славеше во дуелот со Деспина.
За најкорисен играч (МВП) на турнирот беше прогласен левиот бек на Ѓорче Петров, Ана Марија Коларовска (19), која беше вистинска лидерка на својот тим во текот на целиот турнир, а во финалето постигна осум погодоци.
Признанието за најдобра голманка замина во рацете на вардаровата голманка Андреа Илиќ, додека, пак, со 22 постигнати гола, од кои 10 во финалето, најдобар стрелец на турнирот беше централниот бек на Ѓорче Петров, Симона Стојановска. Признанието за најдобар млад играч го доби младата ракометарка на Ѓорче Петров, Ива Велкова (15), која во финалето одигра одлично во одбранбената линија, а исто така беше стрелец на три гола и изнуди неколку седмерци од пикерската позиција.
Со освојувањето на првиот меѓународен ракометен турнир за жени на отворено „Ѓорче куп 2021“, ракометниот клуб Ѓорче Петров на дело го презентира својот амбициозен проект со кој најави враќање на Ѓорче Петров во горниот дел на табелата во домашното првенство и на старите победнички патеки од времето кога Ѓорче Петров беше бренд во ракометна Европа.