Левиот бек (25 години, 197 см) е поранешен младински репрезентативец на Словенија, кој професионалната кариера ја почнал во Марибор, а играл и за Горење и за Порто
Словенечкиот ракометар Александар Шпенде (25) го официјализира договорот со Металург и стана дел од младата и борбена екипа на тренерот Данило Брестовац. Со своите 197 см и интернационалното искуство со Порто (Португалија), Шпенде ќе биде една од опциите на левата бековска позиција на која стандардно ротираат Халил Јагањац и Марио Танкоски, но и еден од централните столбови во одбраната на Металург.
– Среќен сум што доаѓам во Металург, клуб со традиција и развојна визија за својата иднина. Посебно ме прави задоволен тоа што ќе бидам во добра ракометна средина составена од млади и талентирани ракометари, кои одлично ме прифатија. Искрено, едвај чекам да го одиграм првиот натпревар. Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата на тренерот и дека со мојата игра ќе помогнам за што подобри и поуспешни партии на нашата екипа – рече Шпенде.
Шпенде е поранешен младински репрезентативец на Словенија, кој својата професионална кариера ја почнал во Марибор, а бил дел и од екипите на Горење и на Порто. По неколкуте тренинзи со тимот, Шпенде ги задоволи критериумите на стручниот штаб на Металург, кој неговите услуги ќе ги користи до крајот на сезоната, со опција за продолжување на договорот.
– Задоволни сме што во недостиг од решенија на левата бековска позиција во Шпенде најдовме одлична алтернатива, која ќе се дополнува со Халил Јагањац. Станува збор за комплетен играч што игра во двата правца, типичен претставник на словенечката ракометна школа. Ваков играч ни е потребен за да го задржиме курсот за создавање екипа за повисоки резултати. На ова сигурно нема да застанеме, што значи дека сѐ што е добро и ни е достапно ќе се обидеме да го донесеме во нашиот клуб – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.