Фото: Маја Јаневска-Илиева

Свесни сме за силата и за квалитетот на противникот, знаеме дека мора да бидеме концентрирани и ефикасни во нападот, а она на што најмногу треба да ставиме акцент е цврстата и борбена одбрана. Добра вест за нас е тоа што ни се враќаат двајца битни играчи и што ќе имаме простор за ротација и за свежина во играта, рече капитенот на Металург пред вечерашната средба од 10. коло со шпанскиот Адемар во ЛЕ

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Адемар Леон е апсолутен фаворит во денешниот натпревар, но без разлика на сѐ, ќе дадеме сѐ од себе во последниот меч од групната фаза сезонава, вели капитенот на Металург, Даниел Дупјачанец, во пресрет на денешниот дуел од 10. коло во ракометната Лига на Европа (18.45 ч., пренос на МТВ), во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Шпанскиот вицепрвак со 13 бода од петте победи и трите ремија (има и еден пораз) е втор на табелата во групата А и има сигурен пласман во осминафиналето во Лигата на Европа (ЛЕ). Металург со поразот од Фиверс во 9. коло ги загуби шансите за пласман во осминафиналната фаза.

– Свесни сме за силата и за квалитетот на противникот. Нивната моќ ја видовме во нивниот претходен меч, кога на гостински терен кај Чеховски медведи со некомплетен состав славеа во директен дуел за втората позиција на табелата. Ја анализиравме нивната игра, знаеме дека мора да бидеме концентрирани и ефикасни во нападот, за да не дозволиме нивна брза транзиција, а она на што најмногу треба да ставиме акцент е цврстата и борбена одбрана, која нема да им дозволи на Шпанците лесни погодоци. Добра вест за нас е тоа што за овој меч ни се враќаат двајца битни играчи и што ќе имаме простор за ротација и за свежина во играта. Верувам дека ќе дадеме максимум во овој натпревар, кој ќе ни биде и подготовка за плејофот во домашното првенство, кој ни претстои по два-три дена – рече Дупјачанец.

Со денешните 12 средби во четирите групи ќе се комплетира групната фаза во новоформираното натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ), а по мечот во групата А, помеѓу Тулуз и Фиверс, ќе биде пополнето и последното место што носи пласман меѓу 16-те најдобри екипи сезонава во Лигата на Европа. На Французите за пласман понатаму им треба победа со шест гола разлика во дуелот со Фиверс, за да имаат подобар меѓусебен скор при еднаков број бодови на двата тима, во спротивно Австријците ќе играат во осминафиналето.


ГРУПА А

Металург – Адемар 18.45 ч.
Висла – Чеховски 20.45 ч.
Тулуз – Фиверс 20.45 ч.


ТАБЕЛА

Висла 9 8 0 1 16
Адемар 9 5 3 1 13
Чеховски 9 6 0 3 12
Фиверс 9 2 2 5 6
Тулуз 9 1 2 6 4
Металург 9 1 1 7 3