Шпанците со трофејот од ЕП 2018

На изминатите 13 ЕП, шест репрезентации се искачиле на највисокото место на победничкиот пиедестал, од нив Шведска има четири златни медали, Франција има три, Германија и Данска по два, а по една титула имаат Шпанија и Русија

Со денешните мечеви Белорусија – Србија (пренос на ТВ Телма) и Германија – Холандија (од 18.15 ч.) во групата А и Хрватска – Црна Гора (пренос на ТВ Телма) и Шпанија – Летонија (двата меча од 20.30 часот) од групата Ц ќе почне 14-то Европско првенство за мажи, кое првпат се игра во три држави и е прво на кое учествуваат 24 репрезентации. Својот прв меч на ЕП 2020 Македонија го игра утре (20.30 ч), со Украина, потоа в недела (16 ч.) е дуелот со Чешка, а во вторник (18.15 ч) со домаќинот Австрија.

Селекторите на Франција и на Словенија, Дидие Динарт, односно Љубомир Врањеш, се единствени меѓу селекторите што имаат европски титули како играчи и што на ова ЕП би можеле да станат први во историјата на ЕП што би ја освоиле титулата и како играч и како тренер. Слична можност за историја имаат и селекторите на Австрија и на Русија, Алеш Пајович и Едуард Кокшаров, кои како играчи имаат освоено сребрени медали (Пајович со Словенија во 2004 година, а Кокшаров со Русија во 2000-та).

На изминатите 13 првенства, шест држави се искачиле на највисокото место на победничкиот пиедестал. Шведска има најмногу (четири ) златни медали, втора е Франција со три, Германија и Данска имаат по две, а по една титула имаат Шпанија и Русија.

Данска и Франција се единствените што со своите национални тимови освоиле злато и во машка и во женска конкуренција. Данска има шанса да стане втората репрезентација што во исто време би била сопственик на сите – олимписката, светската и европската титула. Таа селекција славеше на СП 2018 и на ЛОИ 2016. Претходно Франција во два наврата беше троен првак.
Шпанија е земја со најмногу освоени медали на ЕП, седум, од кои еден златен (2018), четири сребрени (1996, 1998, 2006 и 2016) и два бронзени (2000 и 2014). Шест медали има Данска, а по четири медали имаат Франција, Хрватска и Шведска. 


Најдобри меѓу стрелците Лазаров, Странд и Сигурдсон

Сопственик на рекордот за најдобар стрелец во историјата на европските првенства (ЕП) е македонскиот капитен Кирил Лазаров, со 61 постигнат гол на ЕП 2012 во Србија. Норвежанецот Кјетил Странд со 19 реализации е рекордер според бројот на постигнати голови на еден меч. Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон е рекордер меѓу ракометарите по бројот на учества и по бројот на вкупно постигнати голови на ЕП. Својот прв настап на ЕП го имал во 2000 година и за него ова ќе биде 11-ти шампионат. На претходните 10 првенства Сигурдсон постигнал 270 гола. Втор на листата стрелци на ЕП е францускиот репрезентативец Никола Карабатиќ со 256, а трет е Швеѓанецот Стефан Ловгрен со 203 погодока.