Шпанија го има најискусниот состав, во кој играат четворицата најдобри Шпанци од Барселона и уште 12 интернационалци од најсилните европски тимови. Таа на СП покажа дека има одличнa контра (22 гола) и позициски напад со продорите и шутевите од поле, во кој Ентрериос и Соле се главните алки, а Мороз и Канељас предничат во одбраната пред голманите Де Варгас и Коралес
Селекцијата на Шпанија oд 20.30 часот ќе биде денешниот, четврти противник на Македонија на Светското првенство (СП) во ракомет што се игра во Германија и во Данска. Тоа ќе биде судир на две шпански ракометни филозофии, бидејќи двајцата од таа земја се на клупите на Македонија и на Шпанија, Раул Гонзалес, односно Жорди Рибера. Тие вторпат ќе застанат еден спроти друг и ќе се обидат на терен да ги реализираат своите амбиции, идеи и планови. Во првиот нивни дуел на Европското првенство во Хрватска минатата година тимот на Рибера доминираше, па овој пат Гонзалес ќе има можност за реванш.
Во досегашните три меча на СП, но и во подготвителниот период, шпанските репрезентативци покажаа на дело дека имаат амбиција да ги соединат европската и светската круна. Без многу мака ги совладаа Бахреин (33-23) и Исланд (32-25), а само 30 минути проблем им направија брзите и енергични Јапонци, кои на полувреме заминаа со предност од еден гол (11-10), но затоа во продолжението од мечот шпанскиот организатор на играта Раул Ентрериос и десното крило Феран Соле ја презедоа работата во свои раце и го ставија составот на Јапонија во подредена улога.
Факт е дека Шпанија е главен фаворит за првото место во групата Б. Тие го имаат најискусниот состав, во кој играат четворицата најдобри Шпанци од Барселона и уште 12 интернационалци од најсилните европски тимови. Не треба да се трошат многу зборови кога станува збор за нападот на Шпанците, тие покажаа дека имаат одлични крила за реализација на брзите контри и полуконтри, од каде што имаат реализирано 22 гола, а во позицискиот напад продорите и шутевите од поле на Ентрериос се покажаа како нерешлива енигма за противничките одбрани.
И според статистиката и според играта на теренот, Ентрериос и Соле се главните алки во нападот на Шпанија во досегашните три натпревари, а Виран Мороз и Жоан Канељас се несовладлив бедем пред голот на Перез де Варгас и Родриго Коралес, кои заедно имаат 31 одбрана. Агресивната и цврста одбрана во формација 6-0 се покажа како нивно најсилно дефанзивно оружје во изминатите три меча.