Во шведскиот плејоф за жени неодамна по ремито и по сите продолженија, наместо седмерци, за да се добие победникот се изведувале слободни контранапади, слично на пеналите во хокејот на мраз
По сите идеи и предлози на хартија за воведување промени во ракометната игра, минатиот викенд во Шведска решија да го направат првиот чекор на терен. Ракометарките на шведските тимови Луги и Онередс одиграа историски натпревар, во кој првпат победникот беше решен по изведување слободни контранапади.
Четвртфиналниот натпревар од шведскиот плејоф по регуларните 60 минути и двете продолженија завршил нерешено 30-30, па наместо стандардните удари од седум метри, двата тима го решиле победникот преку изведување слободни контри, по кои Луги победил со вкупен резултат 34-32.
Начинот на изведување е следен: почетната позиција на играчот што ја изведува контрата е на крилната позиција на линијата од девет метри, со топка во раце. При знак на судијата, играчот му ја додава топката на својот голман, кој е во полето од шест метри и тргнува во слободна контра. Задачата на голманот е да додаде до играчот, а тој без да ја тапка топката по приемот да направи најмногу три чекори и да упати шут кон противничкиот гол. Двете екипи наизменично изведуваат по пет контри, а победник е екипата што по пет изведени контри има повеќе реализирани голови. Доколку и тогаш резултатот е изедначен, се продолжува со наизменично изведување контри, а победник е екипата што нема да погреши во продолжението.
За ефектно изведување на ваквите слободни контри се потребни добра концентрација и прецизност на голманите при додавањата и брз рефлекс при бранењето на ударите, а исто така и добар прием и ефикасност на играчите што ги изведуваат контрите. Експерименталниот обид на Швеѓаните е сличен со изведувањето пенал во хокејот на мраз, кога хокеарот од средината на теренот со плочката тргнува во самостојна акција кон противничкиот гол.