Францускиот тим по седум кола има само еден бод, колку што има и Тун, но Монпелје има послаба гол-разлика. Никогаш досега не се случило актуелниот европски првак да не ја помине групната фаза во следната сезона на ЛШ
По половина пат, односно одиграни седум кола во групната фаза од ракометната Лига на шампионите (ЛШ), актуелниот европски првак Монпелје изненадувачки го има најслабиот учинок меѓу 28-те екипи учеснички, од сите четири групи. Францускиот состав досега успеа да прокнижи само еден бод, од ремито со Кристијанстад (29-29), а има и негативна гол разлика од 28 гола.
Таквиот ефект е за 10 гола послаб од ефектот на швајцарскиот Вакер Тун, кој, исто така, има еден бод по седум одиграни кола, но Тун има негативна гол-разлика од 18 гола. Доколку продолжи во овој ритам, голема е веројатноста актуелниот европски првак Монпелје својот настап во сезонава во Лигата на шампионите да го заврши со одигрувањето на мечевите од групната фаза. Никогаш досега не се случило актуелниот европски првак да не ја помине групната фаза во следната сезона на ЛШ.
По перфектното издание и шампионската титула освоена во ланската сезона, избраниците на тренерот Патрис Канаје сезонава изгледаат како раштиман оркестар, кој не е ни блиску до минатогодишното издание.
Споредбено со минатата сезона составот на Монпелје претрпе само една измена. Така, тимот го напушти пикерот Лудовик Фабрегас (22 години, висок 198 см, замина во шпанската Барселона), а неговото место го зазеде искусниот шведски кружен напаѓач Фредерик Петерсон (29 г., 201 см, пристигна од францускиот Тулуз).