Младите ракометарки на Металург викендов ја донесоа првата шампионска титула сезонава во „Автокоманда“, а четврта во низа за женскиот младински состав на Металург, односно седма во последните десет години.
Во последниот меч сезонава, девојките на Металург со доминантна игра во текот на целиот натпревар славеа над својот директен конкурент за титулата Вардар, совладувајќи го со 27-25 (15-10). Јана Калајџиевска со 10 гола беше предводничка во триумфот на Металург, а шест реализации додаде Марија Тасевска.
Во конкуренција на девет екипи, ракометарките на Металург во 15 одиграни кола забележаа 14 победи и само еден пораз. Зад вицешампионот Вардар завршија младинските екипи на Куманово и Стружанка.