Финалето на 14-то Европско првенство што се играше во арената „Теле 2“ во Стокхолм пред 17.770 гледачи, помеѓу искусната и силна Шпанија и борбената Хрватска со Лино Червар на клупата, на момент потсети на времето кога и во Македонија тој оставаше зад себе и тимови од европскиот врв. Резултатите на Червар се неизбришливи, како и сѐ што направи за македонскиот клупски и репрезентативен ракомет. Но, сакале сите ние да признаеме или не, главниот визионер за почнувањето на македонската ракометна ренесанса е Металург, уште поточно г. Минчо Јорданов, кој по завршувањето на Светското првенство пред 11 години го убеди Червар да седне на клупата на Металург и со неговиот уникатен стил на работа да му даде нов поттик, импулс, иновација и мисија на македонскиот ракомет.
Академијата на Металург уште од самиот почеток влезе во центарот на вниманието на хрватскиот стратег, кој во неа ја виде основата за цврст темел на кој продолжи да го гради и издига „клубот од периферијата на градот“, како што тој го нарекува. За кратко време, под водство на Червар, Металург ги привлече најдобрите македонски играчи, им ја зголеми самодовербата, им го разбуди борбениот дух, стана име и презиме во европски рамки. Металург застана рамо до рамо со ракометните гиганти од Европа, стана синоним за борбеност, цврстина и карактер, од што, покрај Металург, најмногу корист има и македонскиот национален тим.
Под водство на тренерскиот виртуоз Червар, Металург четири пати ја освои титулата во македонското првенство, трипати се радуваше на трофејот во Купот на Македонија, седум сезони по ред беше дел од Лигата на шампионите, во која двапати стигна до четврт-финалето (2013 и 2014) и еднаш до осминафиналето (2011/2012). Најголемата промоција Металург ја доживеа со младите таленти од ракометните селекции, кои секогаш се во фокусот на Червар, како Талески, Нелоски, Кузмановски, Крстевски, Томовски, Данаиловски, Лазаревски, Велковски и Палевски од генерацијата 1996/1997, потоа Танкоски, Димитриоски, Шилегов и Арсеновски од генерацијата 1998, кои се 13-те металурзи што беа дел од 16-члената македонска репрезентација што го освои шестото место на јуниорското СП 2017.
Червар, чија ракометна визија и тренерска луцидност недостигаат, секаде каде што беше предводник од клупата остави трага, покрај Македонија и Хрватска, клупски и репрезентативно, уште и во Италија, но и генерално во европскиот ракомет, за што од Европската ракометна федерација во 2016 година, како прв кому му било врачено тоа, доби признание за тренерските достигнувања во кариерата.
– Јас не сум професор по ракомет, туку само ракометен тренер со визија и со идеи. Моите резултати се само производ на постојаното учење и анализирање и учење од врвните експерти од сите полиња на спортот – изјави тогаш Червар, кој е еден од најтрофејните тренери во историјата на овој спорт, со две злата, по едно светско и олимписко, и пет сребра, од тоа три европски и две светски, сите со Хрватска.
Сепак, пред фактите молчат и боговите.