Македонското десно крило Ристовска постигна 12 гола за ЦСКА во четврт-финалето
РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ЖЕНИ
Македонската репрезентативка Сара Ристовска и нејзиниот тим ЦСКА Москва го направија најголемото изненадување сезонава во женската ракометна Лига на шампионите (ЛШ). Во својата дебитантска сезона во елитното клупско натпреварување, младиот руски тим се пласира на фајналфор-турнирот во Будимпешта. ЦСКА во групната фаза ја освои втората позиција, со еден бод помалку од актуелниот европски првак Ѓер, во осминафиналето за еден гол (47-46) беа подобри од Крим, а во четврт-финалето го елиминираа Букурешт (51-51, пласман понатаму според правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости). Македонското десно крило Ристовска со 12 и капитенката на ЦСКА, Дарија Дмитриева, со 11 гола беа најефикасни во двомечот со Букурешт.
Дебитант во завршницата на 60-та сезона од ЛШ е и францускиот вицепрвак Брест, кој за место на фајналфор-турнирот во Будимпешта стигна во својата четврта сезона во ЛШ. Ракометарките на Брест во четвртфиналниот дуел беа поуспешни од Мец (вкупен резултат 60-50). Иако го освои 5-то место во групата А, Кристијансанд вторпат обезбеди место меѓу четирите најдобри тима во Европа. Во осминафиналето и во четврт-финалето Норвежанките ги победија Одензе (65-62) и Ростов Дон (57-50). Шести пат откако се игра фајналфор во ЛШ, дел од трката за титулата ќе биде актуелниот европски првак Ѓер, кој откако групната фаза во групата Б ја заврши на првата позиција, во осминафиналето и во четвртфиналните мечеви ги победи Битхингам (69-48) и Будуќност (54-40).
Ждрепката за полуфиналните двојки е денеска од 17.30 часот.