Македонија загуби од фаворизираната репрезентација на Црна Гора со 21-29. На овој меч за Македонија дебитира Ива Младеновска (14) од Металург, МВП на шампионатот на ЕХФ за кадетки, во август годинава, каде што селекцијата до 17 години го освои првото место
РАКОМЕТ – ЕВРОКУП НА ЕХФ
Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби со 21-29 во Скопје од Црна Гора, во 1-то коло на Еврокупот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во рамките на неделата на ЕХФ. Македонија даде достоен отпор, но сепак немаше сили да им се спротивстави на некогашните олимписки и европски првенки (во 2012 година). И во двете селекции недостигаа повеќе стандардни ракометарки.
Во СЦ „Борис Трајковски“ пред околу 300 гледачи, во македонките редови најефикасни беа десното крило Сара Ристовска и левиот бек Леонида Гичевска со по пет гола, а кај гостинките доминираше централниот бек Итана Грбиќ со девет погодоци. На овој меч, за Македонија дебитира Ива Младеновска (14) од Металург. Таа беше МВП на шампионатот на ЕХФ за кадетки, во август годинава во Литванија, каде што селекцијата до 17 години го освои првото место, по победата над Исланд (27-26). Вториот дуел, Македонија и Црна Гора ќе го играат утре, во Никшиќ (20.30 ч.).
На овој турнир настапуваат домаќините на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, Македонија, Словенија и Црна Гора, како и актуелниот европски првак Норвешка. Норвежанките го добија првиот дуел со Словенија, со 29-17, на свој терен. Мечевите ќе се играат и во март и во април следната година.
Другите европски репрезентации ги играат првите две кола од предвидените квалификации за ЕП 2022. Прво коло: Група 1: Полска – Литванија 36-22, Русија – Швајцарија 26-22. Група 2: Романија – Ф. Острови 26-19, Дaнска – Австрија 27-22. Група 3: Холандија – Белорусија 38-27, Германија – Грција 36-10. Група 4: Франција – Чешка 38-22, Хрватска – Украина 22-23. Група 5: Унгарија – Португалија 34-24, Шпанија – Словачка 33-28. Група 6: Србија – Турција 36-17, Шведска – Исланд 30-17.