Крилото Хорват играјќи како бек имаше 10 гола и 10 асистенции за Металург. Најефикасен во второто коло беше Мајиќ од Бутел, со 14 погодока

РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА

Левото крило на Бутел Мирко Мајиќ, со 14-те гола на дуелот со Младост, и десното крило на Металург Златко Хорват, со 10-те погодока и 10-те асистенции од позиција на десен бек во мечот со Прилеп, го обележија второто коло од македонската ракометна Суперлига.
Мајиќ беше нерешлива енигма за голманите на Младост. Тој во дуелот со богданчани беше најрасположениот ракометар на теренот со најголем придонес во убедливата победа на Бутел со 33-23, постигнувајќи 14 гола.

Хорват, пак, на дуелот со Прилеп, кој заврши со победа на металурзите со 28-21, по повредата на десниот бек Мартин Серафимов во почетокот од натпреварот, заигра на десната бековска позиција (како многупати претходно во Загреб и во хрватската репрезентација), ја презеде одговорноста и со уживање и голема леснотија 10 пати ја погоди противничката мрежа. Хорват беше асистент на уште 10 гола.
Екипата на Јуниор КВ одигра одлични 50 минути на мечот кај Струга, меѓутоа стружани во завршните 10 минути се вратија во игра и со серија од 5-0 (од 17-19 стигнаа на 22-19) направија целосен пресврт на резултатот, за конечни 22-20 и ги освоија првите бодови сезонава. Во другите дуели од 2-то коло, први бодови прокнижија ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 во дуелот со Работнички (35-23).

По поразот од Астраион во првото коло победа забележа и Радовиш, во дуелот со Голден Арт КЛ 7 (33-29). Втора победа остварија ракометарите на Пролет во дуелот со Астраион (32-24).