РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА
ИХФ одлучи на сите федерации чии репрезентации се пласираа на СП за мажи и за жени да им исплати квалификациски бонус, потоа бонус и на организаторите и за 50 отсто да ја зголеми компензацијата за клубовите, за играчите што ќе играат на мундијалите. ИХФ предвиде помош и за федерациите чии селекции нема да бидат дел од светските првенства
За да го намали влијанието на пандемијата на коронавирусот врз светското ракометно семејство, претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), д-р Хасан Мустафа, на 14 мај ја формира работната група, која одлучи да им додели финансиска помош на федерациите и на клубовите чии играчи ќе бидат дел од светските првенства во 2021 година, за мажи во Египет и за жени во Шпанија, сето тоа благодарение за здравата финансиска конструкција на ИХФ, пишува на официјалната интернет-страница на ИХФ.
Во работната група се и потпретседателот на ИХФ, Жоел Делпланк, благајничката Ана Рап, претседателот на комисијата за организирање натпревари на ИХФ, Пер Бертелсен, генералниот директор на ИХФ, Амал Калифа, и директорот за натпревари Патрик Струб.
ИХФ одлучи на сите федерации чии репрезентации се пласираа на СП во Египет и во Шпанија да им исплати квалификациски бонус, потоа бонус и на организаторите на првенствата и за 50 отсто да ја зголеми компензацијата наменета за клубовите, кои ја добиваат преку националните федерации, за играчите што ќе играат на мундијалите.
ИХФ предвиде помош и за федерациите чии селекции нема да бидат дел од светските првенства, во зависност од нивните активност и резултати, а ИХФ има предвидено и финансиска и практична поддршка за сите национални федерации преку различните развојни проекти.