Момент од мечот во Вараждин на ЕП 2018 Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прво име на чешкиот состав и во нападот и во одбраната е левиот бек Павел Хорак, кој е еден од клучните ракометари и во германскиот гигант Кил

Стариот ривал Чешка ќе ѝ биде утрешниот противник во Виена (16 часот) на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство (ЕП). Чесите се единствените со кои Македонија одигра двоцифрен број натпревари, а поразот во последниот дуел, на ЕП 2018 (25-24), ќе биде мотив плус за избраниците на селекторот Данило Брестовац да одиграат добар натпревар и да се реваншираат за одземената шанса за полуфинале пред две години. Македонија и Чешка досега се сретнаа 14 пати, Македонија има шест победи, пет има Чешка, а три меча завршиле без победник.

Единствениот селекторски двоец на ЕП, Јан Филип и Даниел Кубеш, има искусни ракометари, од кои 10 настапуваат во најсилната лига на светот, германската, тројца во домашното првенство, двајца во полскиот шампионат и по еден од унгарската и од романската лига. Прво име и ударна сила на чешкиот состав и во нападот и во одбраната е левиот бек Павел Хорак, кој е еден од клучните ракометари во германскиот гигант Кил.

Организацијата на чешкиот напад ќе биде во рацете на најдобриот стрелец од претходното ЕП, Андреј Здрахала, а македонската одбрана ќе треба да внимава и на двајцата искусни бекови, Томаш Бабак и Роман Бачвар. Тука се и двете крила Томас Чип и Јакуб Хрстка, кои стандардно добро ги покриваат своите позиции, а на линијата од шест метри ќе пивотираат Штепан Земан и Петр Шлахта, во отсуство на првиот пикер Леош Петровски (повреден).

Најголемата пречка на патот кон победата над Чешка за македонските ракометари ќе биде голманскиот двоец Мартин Галија и Томаш Мрква и високата и агресивна одбрана, за чија организација и поставеност е задолжен поранешниот дефанзивец, селекторот Кубеш, а координацијата на нападот е во рацете на Филип. Најслабо покриена позиција во нивниот тим е десен бек, каде што го имаат Станислав Кашпарек (23), кој во Сегед им е резерва на Хорхе Македа и на Лука Степанчиќ. 


Десетто ЕП за Чешка, најдобар пласман е шесто место

Репрезентацијата на Чешка јубилеен 10. пат ќе настапи на едно европско првенство (ЕП) во ракомет. Шестото место во 1996 и во 2018 година е нивно најдобро остварување. Актуелната селекција од клупата е предводена од дуото Јан Филип и Даниел Кубеш, обајцата поранешни репрезентативци. Тандемот, кој ја презеде селекцијата во 2014 година, очекува да ја надгради играта од шампионатот во 2018 година во Хрватска. По осамостојувањето учествуваа на девет европски првенства и на шест светски шампионати. Билетот за ЕП 2020 го заверија со освојувањето на првото место во групата во конкуренција на Белорусија, БиХ и на Финска.