Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, како и голем дел од членовите на УО упатија критики до машката сениорска репрезентација во пресрет на СП, беше наградена женската селекција за пласманот во баражот, по предлог од Брестовац ќе се формира Б-репрезентација, а тој ќе биде задолжен и за изработка на петгодишен младински план
На вчерашната седница на управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) главна тема беа и резултатите и активностите на националните тимови во изминатиот период за сите старосни категории. Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, како и голем дел на членовите на УО упатија критики до машката сениорска репрезентација, навраќајќи се на поразот од Грција во квалификациите за ЕП 2020. Една од констатациите е дека загрижувачки биле односот, незалагањето и непочитувањето на репрезентацијата и дека тој пораз треба да биде освестување за поголемиот дел. Сето тоа пред настапот на сениорите на Светското првенство во јануари.
Покрај критиката за машката селекција, беа поделени пофални зборови и одредена премија од 10.000 евра за женскиот национален тим, кој успешно ги помина квалификациите за пласман во баражот за СП 2019 и беше ветена премија од 30 илјади евра ако се пласираат на Мундијалот.
На состанокот беше утврден и планот за подготовки на машката репрезентација за претстојното СП. Селекцијата во скратен состав под водство на Роберто Парондо и на Александар Царчев, подготовките ќе ги почне утре, а официјалниот собир е закажан за в понеделник. Националниот тим ќе се комплетира на 28 декември. Првата фаза од подготовките за СП ќе заврши на 31 декември, а по одморот за празниците, ракометарите повторно се собираат на 2 јануари. На 4 и 5 јануари во Скопје треба да се одиграат два контролни меча со репрезентацијата на Србија, а на 9 јануари селекцијата патува за Германија, на СП.
Како сублимат на работата со двете младински селекции на шампионатите на ЕХФ годинава, селекторот Данило Брестовац даде предлог за формирање сениорска Б-селекција, во која би биле потенцијалните А-репрезентативци.
Претседателот на РФМ, Мукаетов, го прифати овој предлог, го задолжи Брестовац да подготви и петгодишен план за сите младински репрезентации, за да се крене континуитетот во сите генерациски нивоа.
Според планот, Б-селекцијата би ја сочинувале ракометри од 20 до 21 година, за кои завршува системот на натпреварување во младинските шампионати и доаѓаат во еден вакуум-период, без можност да конкурираат за А-тимот на Македонија.
Силен „мундијалски“ тест за македонските кадети
Денеска и утре Ракометната федерација на Македонија (РФМ) во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе биде домаќин на силен меѓународен турнир, како дел од подготовките на кадетската селекција на Македонија од генерацијата родени до 2000 година, која ќе игра на Светското првенство што ќе се игра во Скопје, во август 2019 година. На турнирот ќе настапат селекциите на Полска, Унгарија, Србија и на Црна Гора, а за да бидат опфатени што повеќе играчи во изборот на селекцијата што ќе ја претставува Македонија на СП 2019, селекторот Данило Брестовац состави две селекции, А и Б. Турнирот ќе се игра по принципот секој со секого. Влезот во салата е слободен. Та.Д.