Официјалниот сајт на ЕХФ, „Еурохендбал.ком“, направи неофицијално рангирање на младите категории, сумирајќи ги сите нивни настапи летово
Јули и август се месеците резервирани за одигрување на ракометните првенства во младите категории. Летово се одиграа девет шампионати, од кои седум европски и два светски, на кои беа промовирани голем број идни ракометни ѕвезди. По завршувањето на првенствата, официјалниот сајт на ЕХФ, „Еурохендбал.ком“, направи неофицијално рангирање на младите категории ракометари и ракометарки. Системот на рангирање бил според истата шема како и во сениорските категории, односно ги опфаќал прикажаната игра и остварениот пласман на шампионатите.
Летниот ракометен спектакл започна со европските натпреварувања, односно со Европското првенство (ЕП) во Шведска (до 17 год.), продолжи со јуниорското ЕП за ракометарки (до 19 год.) и со ЕХФ-шампионатите од Б-дивизија во Бугарија и Литванија во истата категорија. Крајот беше со кадетското ЕП (до 17 години) и ЕХФ-шампионатите од Б-дивизијата во Грузија и во Италија, во женска кадетска конкуренција.
За разлика од девојките, кои играа на европско ниво, летово беше резервирано за Светските првенства (СП) во машка конкуренција. Јуниорите (до 21 год) играа во Шпанија, а кадетите (до 19 год.) во Македонија.
Благодарение на двете титули на јуниорското и кадетското ЕП (до 17 и 19 години), Унгарија е на врвот, а зад неа се Норвешка, Шведска, Данска и Франција. Иако не освои ниту еден медал во машка конкуренција, според „Еурохендбал.ком“, Унгарија е првата позиција во машка конкуренција, благодарение на континуирано добрите игри и резултати на три натпреварувања.
Место меѓу 10-те најдобри млади ракометни нации има и за Франција, која го освои јуниорското СП, и Германија, која беше втора на кадетскиот Мундијал во Македонија. Место во елитата има и за Португалија, која на двете СП беше четврта.
Македонија летово имаше претставници на двата ЕХФ-шампионати во Б-дивизијата (во Бугарија и во Италија) за ракометарки до 17 и 19 години, со пласмани на шестото место. Кадетите што беа дел од СП (до 19 години) го освоија 13-то место.