Селекцијата на Португалија, која доби вајлд-карта по откажувањето на Океанија и Нов Зеланд, во целост го оправдува своето присуство на Мундијалот
Селекциите на Унгарија и Франција од групата Б и Исланд и Португалија од групата Д забележаа максимален ефект по двата натпреварувачки дена на СП во Скопје. Унгарците лесно славеа против Кинески Тајпеј (38-20) и Канада (41-13), а Французите, пак, имаа лесна задача против Египет (28-24) и Канада (44-16).
Селекцијата на Португалија, која доби вајлд-карта по откажувањето на Океанија и Нов Зеланд, во целост го оправдува своето присуство на Мундијалот. Португалците најпрво ја шокираа Германија (33-26), а потоа против Србија успеаја да анулираат негатива од осум гола и да забележат втора победа (22-21). Со победите над Тунис (25-20) и Бразил (30-26), Исланд веќе има трасиран пат во осминафиналната фаза.
По двете одиграни кола во групите Б и Д, според статистичките податоци, Унгарија има највисоки квалитативни коефициенти. Така, унгарскиот голман Кристоф Јори по двата меча има забележано вкупно 31 интервенција, односно 15,5 во просек по меч. Втор на листата е голманот на Исланд, Сигардур Оскарсон, со 25 одбрани, или 12,5 по меч. Унгарците го имаат и моментно најефикасниот играч, левото крило Бенце Хорњак, со 17 погодоци, а зад него со по 16 реализации се Бразилецот Маркос Брага, Французинот Древи Пашал и Португалецот Мартим Коста. Унгарците ги имаат и најефикасниот напад, со 79 постигнати гола (39,5 по меч), и најдобрата одбрана со примени 33 гола (16,5 по меч). Со 77 гола (38,5 по меч), втор по ефикасност е нападот на Шведска, додека, пак, со 37 примени гола (18,5 по меч), втора по цврстина е одбраната на Франција.
Синоќа во спортските центри „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ се играа мечевите од 2-то коло во групите А и Ц.