Ќе имаме тешка задача на претстојното СП. Имаме група со тешки ривали, а, згора на тоа, променет е и системот на натпреварување, па во следната фаза, наместо досегашните четири, одат првите три селекции. Ќе треба да бидеме максимално фокусирани на целото првенство, вели бекот Филип Талески
Македонската ракометна репрезентација ги продолжи подготовките за претстојното 26-то Светско првенство (СП), кое за осум дена треба да започне во Германија и во Данска. Во продолжението на подготовките, покрај стандардните тренинзи, избраниците на селекторот Раул Гонзалес утре и задутре треба да одиграат и два контролни меча со селекцијата на Србија, од кои првиот ќе биде од отворен, а вториот од затворен карактер.
Со овие два меча селекторот ќе ја добие првата слика за можностите и за компактноста на подмладениот национален тим пред Мундијалот. Македонија на СП ќе биде дел од групата Б, заедно со актуелниот европски првак Шпанија, потоа Хрватска, Исланд, Јапонија и со Бахреин.
– Ќе имаме тешка задача на претстојното СП. Имаме група со тешки ривали, а, згора на тоа, променет е и системот на натпреварување, па во следната фаза, наместо досегашните четири, одат првите три селекции. Ќе треба да бидеме максимално фокусирани на целото првенство, почнувајќи од дуелот со Јапонија, репрезентација што е во подем и која се подготвува за Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио. Ни остануваат уште неколку дена да се подготвиме за воведниот натпревар, а потоа да одиме чекор по чекор во секој нареден – изјави младиот репрезентативен бек Филип Талески, кој последен ѝ се приклучи на селекцијата.
Подмладувањето на репрезентацијата и неиграњето на Филип Миркуловски и на Немања Прибак префрлаат голем дел од товарот врз Талески, кој меѓу помладите играчи важи за најискусен, кој зад себе има голем број настапи во силната германска Бундес-лига, Лигата на шампиони и репрезентативни настапи на големите натпреварувања.
– Целосно сум свесен за мојата улога и за одговорноста што треба да ја преземам во националниот тим. Можам слободно да кажам дека веќе редно време е и ние помладите да преземеме поголем дел од одговорноста, особено јас како играч што има поголема минутажа од другите. Не треба да се криеме зад формулацијата „млад играч“, напротив, треба да ги преземеме работите во свои раце и да дадеме што поголем придонес во репрезентацијата – смета Талески.
За тоа дека нема да биде лесен патот на Македонија на Мундијалот во Германија и Данска зборува фактот што првиот противник на Македонија, селекцијата на Јапонија, прикажа одлична игра во двата контролни натпревари со селекциите на Полска и на Чешка. Со Полјаците, Јапонија одигра нерешено 25-25, па загуби на пенали (29-28), а во дуелот со Чешка, избраниците на селекторот Дагур Сигурдсон славеа победа со 27-25. Одлични контролки одигра и Исланд, кој во два наврата го прегази составот на Бахреин (36-24 и 36-19).
Македонските репрезентативци до вторник ќе тренираат во Скопје, а потоа заминуваат за Минхен, Германија, каде што ќе се играат натпреварите од групата Б, во која прв противник на Македонија ќе биде Јапонија (11 јануари, од 15 часот). Во 2-то коло противник ќе биде селекцијата на Бахреин (13 јануари, 14 ч.), следуваат Хрватска (14 јануари, 18 ч.), Шпанија (16 јануари, 20.30 ч.) и Исланд (17 јануари, 18 ч.). Пласман во следната рунда обезбедуваат трите најдобропласирани селекции од секоја од четирите групи, кои во следната фаза формираат нови групи (една од А и Б, а друга од Ц и Д). Најдобрите четири селекции од двете нови групи продолжуваат во полуфиналето, а преостанатите репрезентации ќе разигруваат за пласман на СП.