По групната фаза на СП во Германија и во Данска просекот на гледачи во салите е над 8.000 по натпревар, што е, на пример, далеку повеќе од просекот од минатото СП, во Франција (околу 6.500)
Светската ракометна федерација (ИХФ) и домаќините на 26-от Мундијал, Германија и Данска, можат во целост да бидат задоволни од посетеноста на мечевите на првенството, кое првпат се игра во две земји. Светското првенство (СП) е веројатно најпосетениот Мундијал од последните неколку натпреварувања.
Мечевите од групната фаза што се играат во спортските арени во Берлин (капацитет 14.800), Минхен (12.000), Хернинг (15.000) и во Копенхаген (13.000) ги посетија повеќе од 500.000 гледачи (околу 8.500 во просек по меч) што е приближно на целокупната посетеност на СП што се играше во Франција во 2017 година (553.926 гледачи вкупно, а 6.594 по средба). СП 2015 беше посетено од 310.100 гледачи (3.691).
Во првите осум натпреварувачки дена, очекувано, најпосетени се мечевите во Берлин, од групата А, каде што игра домаќинот Германија. Трибините на сите пет натпревари на германската репрезентација во арената „Мерцедес Бенц“ беа целосно исполнети, а просечната посетеност на натпреварите надминува 11.600 гледачи по натпревар.
Втори по посетеност се мечевите од групата Б во „Олимпијахале“ во Минхен каде што игра македонската репрезентација. Натпреварите во просек ги следат повеќе од 9.000 гледачи. Неочекувано послаба посетеност бележат мечевите од групата Ц во арената „Јуск Банк Бокс“ во Хернинг (со исклучок на мечевите на домаќинот Данска) каде што просечната посетеност по натпревар изнесува 8.400 гледачи. Најслабо се посетени мечевите од групата Д во арената „Ројал“ во Копенхаген каде што просечната посетеност по натпревар е помала од 5.000 гледачи.
Тргнувајќи од фактот што во втората фаза најгледаните групи А и Б ќе вкрстат и ќе го продолжат натпреварувањето во германската ракометна тврдина арената „Ланксес“ во Келн, која има капацитет од 19.500 гледачи, а скандинавската тројка, Данска, Шведска и Норвешка, ќе продолжи во Хернинг и кога на тоа ќе се додаде новиот систем на натпреварувања со кој бројката на натпревари порасна на 96 (уште 36 за одигрување) тогаш повеќе од очекувано е бројките на посетеност на СП во Германија и во Данска да надминат 800.000 гледачи.