Со гол во последната секунда, репрезентацијата на Франција во трилер завршница успеа да се избори за реми (25:25) во натпреварот против домаќинот Германија на Светското првенство во ракомет (СП). Двете репрезентации покажаа одлична игра и во напад и во одбрана и поголемиот дел од натпреварот резултатот наизменично се менуваше, се до последниот секунда.
Најдобар стрелец кај французите беше Кентин Мае со 9 голови, а во тимот на германскиот селектор Прокоп со четири гола се истакнаа Штробел, Вајде и Уве Генсхајмер. Со ремито, Франција останува на чело на групата А со 7 бодови, Германија е втора со 6, а потоа следуваат Русија и Бразил со по 4 бода и остануваат во борба за 3-тото место кое води во следната фаза на првенството. Во последното коло, во групата А во Берлин, Германија ќе се сретне со Србија, француските репрезентативци ќе ги одмерат силите со Русија, а Бразил ќе игра со Кореа.
Во Хернинг пак, во групата Ц немаше изненадувања и вториот домаќин на првенството Данска со убедливи 28:17 ја совлада Австрија и со 8 бода се израмни со Норвешка на делба на првото место. Токму овие две репрезентации ќе разигруваат за првото место во оваа група во последното коло, а во четврток остануваат и натпреварите на Австрија и Тунис и на Чиле и Саудиска Арабија.