Двете екипи досега осум пати ги одмериле силите меѓу себе во ЛШ, а поуспешен е Вардар со пет победи, еден нерешен резултат (на гости) и два пораза (еден во Скопје)
Играме против многу добра екипа, составена од многу квалитетни ракометари. Ќе биде тешко, бидејќи тие користат разни варијанти во нападот и одбраната. Играат добро како „шест на шест“, но и „седум на шест“, a тука се меѓу најдобрите. Но ние сме фокусирани на средбата и мораме да одиграме најдобро ако сакаме да дојдеме до нова победа. Клучно за нашиот успех ќе биде играта во одбраната, а особено кога играме „шест на шест“, претпазлив е вардаровиот тренер Роберто Парондо, во пресрет на денешниот меч (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“, против бунселигашот Левен, во рамките на 4-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ).
Вардар и Левен досега во ЛШ се сретнале осум пати, а поуспешни се црвено-црните со пет победи, еден нерешен резултат (на гости) и два пораза (еден во Скопје). Притоа Вардар постигнал вкупно 225 гола (во просек 28,1 по меч), а Левен 204 (25,5). Во бундеслигашот од Мајнхајм, во кој има шест ракометари што се двометраши (Вардар има пет), од кои четворица се пикери, играат 14 интернационалци (меѓу кои и македонскиот репрезентативен бек Филип Талевски, кој лани даде 20 гола), а најмногу (четворица) се од Шведска. Клубот што го предводи данскиот тренер Николај Јакобсен годинава се засили со шест нови ракометари, а од квалитетниот избор особено отскокнуваат исландското лево крило Валур Сигурдсон (лани 28 гола во ЛШ), швајцарскиот централен бек Андре Шмид (83), левото шведско крило Џери Толбринг (43), десното крило Патрик Гретцки (24), данскиот централен бек Матц Ларсен (41), левиот бек Стефан Фат (39), како и одличните шведски голмани, Микел Апелгрен и Андреас Паличка.
За разлика од Вардар, кој забележа три победи (Монпелје, Кристијанстад, Веспрем) и е водечки во групата А со максимални шест бода, Левен ги совлада Барселона и Мешков на свој терен, а загуби од Киелце на гости. Во германскиот шампионат, Левен моментно е на третата позиција.
Нов триумф за Вардар денеска ќе биде 59-ти во групната фаза во ЛШ од вкупно 126 средби.