Дел од учесниците се жалат на организацијата на Мундијалот
Еден од најдобрите светски ракометари Сандер Сагосен од Норвешка и селекторот на хрватската репрезентација Лино Червар, веќе се пожалија на организацијата на Светското првенство во Египет. Сагосен го спореди Мундијалот со „Див запад“ истакнувајќи дека се грижи за ризикот од зараза со ковид-19, а Червар го спореди одењето на тренинг со одење во војна.
– Што да ви кажам за организацијата… кога одиме на тренинг гледам шест оклопни возила, како да одиме во војна. Многу е сложено. Никогаш не сум бил на вака големо натпреварување на кое морате толку да се снаоѓате. Нам не ни е лесно, тешко е тоа да ви го прикажам на вас, како се чувствувваш и како се плашиш дека нешто ќе се случи. Тешко е, едвај чекам да почнат мечевите и се надевам дека спортскиот дел ќе ја разбие претпазливоста и оти ќе бидеме слободни – објасни Червар.
Бекот на актуелниот европски првак Кил, Сандер Сагосен, е крајно разочаран од условите на Светското првенство во Египет, велејќи дека таканаречениот „меур“ во кој се наоѓаат ракометарите е вистинска шега.
– Не знам дали воопшто можеме да го наречеме ова меур. Досега работите беа како една голема шега. Првите неколку часа во Гиза наликуваа на Дивиот запад. Во однос на она што ни беше ветено, ништо не е под контрола. Воопшто не сме сигурни. Ова е Див запад. Можеме само да се молиме да не се заразиме. Оправдано се поставува прашањето дали турнирот воопшто може да се одржи – остар беше Сагосен, додавајќи дека во хотелот каде што се сместени Норвежаните и уште седум селекции, луѓето излегуваат без маски, а тимовите јадат заедно.
Турнирот во Египет ќе се игра без присуство на навивачи, а Хрватска и Норвешка се меѓу фаворитите во борбата за медали. Норвешка денес ќе се сретне со Франција, а Хрватска утре ќе го одигра првиот меч на СП против Јапонија.