Германските Фуксе Берлин, Магдебург и Левен, како и полската Висла имаат предност во пресрет на реванш-дуелите дома идната недела

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Со исклучок на дуелот Монпелје – Кадетен, кој заврши нерешено, 27-27, другите шест осминафинални дуели во Лигата на Европа (ЛЕ) завршија со победи на фаворитите. Сигурна игра и победи на гостински терен забележаа сите четири првопласирани тимови по групната фаза.
Ракометарите на полскиот вицепрвак Висла по одличната игра во второто полувреме, дополнета со расположениот голман Адам Моравски (14 одбрани), победија на гости кај португалскиот вицепрвак Спортинг 29-25 (15-15). Германските претставници Фуксе Берлин и Магдебург во првите средби обезбедија солидна предност во пресрет на реванш-дуелите. Фуксе Берлин го победи австрискиот првак Фиверс (35-27), а Магдебург славеше на гости кај македонскиот претставник Еурофарм Пелистер (32-24). Од германските тимови најмногу се намачи Левен во дуелот со хрватскиот вицепрвак Нексе (27-25). Хрватскиот голман Морено Цар (12 одбрани) беше најголемата пречка за германскиот состав да стигне до поубедлива победа.

Рускиот првак Чеховски медведи максимално ги искористи предноста на домашниот терен и поддршката од својата публика во дуелот со француски Ним, одигрувајќи го најдоброто второ полувреме сезонава, во кое покрај што ја анулираше негативата од два гола од првото полувреме, дуелот го заврши со предност од пет гола (30-25). Со два гола предност, данскиот вицепрвак ГОГ ќе патува на реваншот кај ЦСКА Москва, откако во првиот меч дома забележа победа со 33-31. Осминафиналниот дуел Адемар Леон – Кристијанстад е одложен за следната недела. Реваншите треба да се играат на 30 март.