Почнувајќи од Медитеранските игри, нашата игра оди во нагорна линија. Ако во наредниот период работиме исто вака квалитетно, верувам дека можеме да дојдеме и до пласман на СП. Ќе ни треба само малку среќа да добиеме противник по мера, изјави селекторот Симе Симовски

Македонската женска ракометна репрезентација забележа три доминантни победи над селекциите на Азербејџан (42-23), Исланд (29-21) и над Турција (30-23) и обезбеди место во баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Јапонија во 2019 година. Во сите три квалификациски натпревари избраничките на селекторот Симе Симовски покажаа дисциплина, борбеност и сигурност во играта од првата до последната минута. Таа цврста игра во одбраната и ефикасно искористениот напад на македонската репрезентација ѝ донесоа доминантна игра и контрола врз резултатот во сите три натпревари, нешто што на селекцијата ѝ недостигаше во претходните квалификациски циклуси.

– Многу добро се подготвивме за овие три натпревари и успеавме да дојдеме до поставената цел. Девојките во сите натпревари одиграа во согласност со договореното, дисциплинирано во нападот и дрско во одбраната. Почнувајќи од Медитеранските игри во Тарагона, па пријателските натпревари со Италија, нашата игра оди во некоја нагорна линија. Сега го чекаме баражот и само два меча нѐ делат од остварување на сонот. Ако во наредниот период работиме исто вака квалитетно, верувам дека можеме да дојдеме и до толку посакуваниот пласман на СП. Ќе ни треба само малку среќа да добиеме противник по мера во баражот – изјави селекторот Симе Симовски. 


За баражот се чека противник од ЕП

Од квалификациите во баражот за пласман на Светското првенство (СП) во ракомет за жени, покрај Македонија, се пласираа и Белорусија, Швајцарија, Словачка како први во групите, како и Исланд како најдобра меѓу второпласираните (играше во групата со Македонија). Во баражот ќе играат и селекциите што на тековното Европско првенство (ЕП) во Франција ќе се пласираат од четвртото до 16-то место. Ждрепката за двојките во баражот ќе биде влечена на 16 декември, а противник ќе биде една од репрезентациите што на ЕП ќе се пласираат од 4-то до 12-то место. Та.Д.