РАКОМЕТ
На првенството на ЕХФ, дивизија Б, од 9 до 15 август, Македонија ќе биде дел од групата А заедно со Полска и со Грција, во групата Б ќе играат Швајцарија, Украина, Грузија и БиХ, а вкупниот победник обезбедува место на Европското првенство во дивизијата А
Утре и задутре салата „Автокоманда“ во Скопје ќе биде селективен центар на кадетската репрезентација на Македонија, која од 9 до 15 август ќе биде дел од шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б.
Селекторот Кирил Лазаров на овој собир повика 39 млади ракометари родени во 2002 година и помлади, за да ја формира кадетската репрезентација, која ќе има тешка задача на шампионатот – да стигне до првото место, кое носи пласман на европските првенства во кадетска и во младинска конкуренција, а со тоа и место во квалификациите за светските првенства.
На шампионатот од 9 до 15 август, Македонија ќе биде дел од групата А заедно со селекциите на Полска и на Грција, а во групата Б ќе играат Швајцарија, Украина, Грузија и БиХ. Двете најдобропласирани селекции од двете групи ќе се сретнат во финалето, а победникот обезбедува место на Европското првенство во дивизијата А. Вакви шампионати ќе се играат и во Бугарија и во Литванија.
Лазаров повика ракометари од 12 македонски клуба, од кои најмногу од редовите на Голден Арт КЛ7 (девет) и од Еурофарм Пелистер (седум). Прилеп е застапен со петмина, четворица има од редовите на Бутел, по тројца од Скопје и од Работнички, по двајца од Металург и од Партизан, и по еден од Јехона, Охрид, Вардар Неготино и од Пролет.
Официјалните подготовки на кадетската репрезентација на Македонија е предвидено да почнат на 5 јули.