Позитивно сме изненадени од квалитетот и од техничката поткованост, за секоја позиција имаме по тројца-четворица одлични ракометри. Се надевам дека овој собир ќе биде мотив повеќе за нивна понатамошна надградба и напредок, вели Стојановиќ, еден од селекторите
Селекторите на најмладата генерација ракометари, Раде Стојановиќ и Кире Атанасовски, го имаа првиот собир со ракометарите од генерацијата 2004/2005, од кои во иднина ќе треба да ја формираат пионерската селекција на Македонија. На трите тренинзи одржани во салата „Автокоманда“ во Скопје беа следени квалитетите на 46 ракометари од 19 клуба што се натпреваруваат во пионерската лига на Македонија.
Меѓу нив најмногубројни беа пионерите од Вардар (10), Металург (шест) и од Пелистер (четири). По тројца ракометари имаше од редовите на КЛ 7 Свети Николе, Младост од Богданци и КЛ 7 од Скопје, со по двајца ракометари партиципираа Тиквеш, Алушевски, Аеродром и Охрид, а со по еден ракометар за место во пионерскиот репрезентативен состав конкурираа Бутел, Пролет, Балтепе-Вардар, Прилеп, Партизан Гевгелија, КЛ 7 Струга, Борец, Радовиш и Еурофарм.
– Како за прв собир, позитивно сме изненадени од квалитетот и од техничката поткованост на ракометарите од оваа возрасна категорија. Со оглед на тоа што имавме 46 ракометари на поширокиот список и само два дена да ги видиме нивните индивидуални и тимски квалитети, овој прв собир го искористивме за одигрување меѓусебни натпревари. Ракометарите ги поделивме во четири екипи, така што внимававме во една екипа да не бидат играчи од ист клуб. Можам да кажам дека сите до еден солидно ги искористија минутите во игра. Верувам дека за следниот собир ќе имаме „слатки маки“, бидејќи за секоја позиција имаме по тројца-четворица одлични ракометри што конкурираат за место во селекцијата. Особено ме радува фактот што имаме дури шест-седум левучари, кои секогаш се дефицитарни, има добри бекови шутери, а имаме и четворица одлични голмани. Се надевам дека овој собир ќе биде мотив повеќе за нивна понатамошна надградба и напредок – вели Стојановиќ.
Оваа генерација ракометари својот прв официјален настап на едно големо натпреварување би требало да има во летото 2021 година, односно би ја наследила генерацијата што в година ќе биде домаќини на Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б. Доколку кадетите налето го освојат првото место, тогаш оваа пионерска селекција на Македонија ќе играа на Европското првенство од дивизијата А и ќе имаа можност да се квалификува за настап на Светското првенство.