Два меча со Кувајт во Белград се додадени на претходно договорените три на турнирот „Трофеј Карпати“ (со Романија, Србија и со Алжир), сите во декември, и двата на подготовките во Словенија, во јануари (со Словенија и со Црна Гора)
Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Данило Брестовац додаде уште два тест-натпревари, со селекцијата на Кувајт, во подготвителниот план пред настапот на Европското првенство (ЕП) во јануари в година, во Австрија, Норвешка и во Шведска. Така, неговите избраници, чии имиња треба да бидат објавени до крајот на неделава, во пресрет на ЕП 2020, ќе одиграат седум контролни натпревари.
Репрезентативната акција за подготовки и настап на ЕП треба да почне на 21 декември. Тренинг-фазата во Скопје и контролните натпревари со селекцијата на Кувајт (25 и 26 декември во Белград) и настапот на турнирот Трофеј Карпати (од 27 до 30 декември, во Романија), каде што противници ќе им бидат селекциите на Романија, Србија и на Алжир, Брестовац ќе ги искористи да провери што повеќе млади ракометари за да има попрецизна слика за формирањето на составот со играчи што ќе ги бранат боите на Македонија во групата Б, во Виена, на ЕП 2020.
По новогодишните празници, од 2 до 8 јануари репрезентацијата ќе престојува во Словенија, каде што треба да ја одработи завршната фаза од подготовките. Во тој период се предвидени двата завршни тест-натпревари пред ЕП, со селекциите на Словенија (3 јануари) и на Црна Гора (5 јануари).
На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б, во Виена, каде што за првите две места што носат пласман во следната фаза ќе се сретне со Чешка, Австрија и со Украина. Во 1. коло од групната фаза (10 јануари), Македонија треба да игра со Украина, два дена подоцна против честиот ривал Чешка, а на 14 јануари е мечот со домаќинот Австрија.
ТЕСТ-МЕЧЕВИ ПРЕД ЕП 2020
ДАТУМ ПРОТИВНИК, МЕСТО
25 декември Кувајт, во Белград
26 декември Кувајт, во Белград
27-30 декември Романија, Србија и Алжир, во Букурешт
3 јануари Словенија, во Лашко
5 јануари Црна Гора, во Лашко
ЕП, ГРУПНА ФАЗА
10 јануари Украина
12 јануари Чешка
14 јануари Австрија