Во следната фаза ќе играат Висла, Адемар, Чеховски медведи (група А), Ним, Фуксе Берлин, Кристијанстад, Спортинг (група Б), Магдебург, Монпелје, ЦСКА, Нексе (група Ц), Левен, ГОГ, Кадетен и Еурофарм Пелистер (група Д), како и Фиверс или Тулуз од групата А

ЛИГА НА ЕВРОПА

На седум дена до комплетирање на групната фаза во ракометната Лига на Европа (ЛЕ), во која за одигрување има уште 15 натпревари во четирите групи, 15 екипи обезбедија место во осминафиналето. Неизвесен е само последниот осминафиналист од групата А.
Од групата А, место во следната фаза обезбедија Висла (16 бода), Адемар Леон (11) и Чеховски медведи, кој има осум бода и уште два меча (синоќа кај Тулуз и дома со Адемар), а треба да добие службени бодови од дуелот со Тулуз, со кои ќе има 10. За пласман во следната фаза на Фиверс (шест бода) му треба победа над Тулуз (четири бода) во последното коло, а на Тулуз за пласман во втората фаза му требаат победи над Чеховски и најмалку реми со Фиверс, или победа над Фиверс со повеќе од пет гола разлика за подобар меѓусебен скор.

Извесни се осминафиналистите во групата Б, со оглед на тоа што петтопласираниот Динамо (пет бода) и шестиот Татран (два бода) со победи во последните два меча не можат бодовно да ги достигнат Ним (11 бода), Фуксе Берлин (10), Кристијанстад (10) и Спортинг (осум бода и ќе добие службени бодови од неодиграниот дуел со Фуксе Берлин). Магдебург (14 бода), Монпелје (10), ЦСКА (10) и Нексе (10) се осминафиналистите од групата Ц, а од групата Д тоа се Левен (15 бода), ГОГ (10), Кадетен (10) и Еурофарм Пелистер (девет).
Во осминафиналната фаза во ЛЕ, екипите од групата А ќе вкрстат со тие од Б, а од групата Ц ќе вкрстат со екипите од групата Д. Двојките ќе бидат одредени по принципот првиот тим со четвртиот, вториот со третиот итн.