Со поразот дома од Фленсбург (25-26), во продолжението од натпреварувањето во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), хрватскиот шампион Загреб остана на последната позиција на табелата во групата А, а неговите шанси за пласман во осминафиналната фаза се сведоа на теорија.
Одличниот дански голман Кристијан Саеверас (15 одбрани), пак, беше нерешлива енигма за ракометарите на унгарскиот вицепрвак Сегед, кој во дуелот со данскиот првак Алборг се избори за реми (26-26). По тој меч Алборг е на еден бод до осминафиналето, но ќе се пласира ако вчера Елверум не ја победил Барселона.
Неизвесен и изедначен натпревар одиграа и францускиот вицепрвак Монпелје и полскиот првак Киелце, во кој победникот беше решен во последната секунда од натпреварот, со голот на левиот бек на Монпелје, Мохамед Соуси (26-25). Монпелје на три кола пред крајот на групната фаза обезбеди место во следниот круг. Претходно пласман понатаму обезбедија и Барселона, Сегед, ПСЖ, Кил и Веспрем. Првопласираните во групите ќе играат во четврт-финалето, а тимовите од второто до шестото место прво во осминафиналето.
Португалскиот првак Порто, кој зад себе имаше одлични партии во есенскиот дел од сезоната, загуби со висок резултат (24-31) од унгарскиот првак Веспрем, единствен што му нанесе висок пораз во првиот дел од сезоната.
Претходно Кил забележа победа над Вардар и со 18 бода ја задржа првата позиција на табелата во групата Б. Во синоќешните дуели од 11-то коло од ЛШ францускиот ПСЖ гостуваше кај Целје, Елверум ѝ беше домаќин на Барселона, а Мотор и Мешков играа за избегнување на дното на табелата во групата Б.