Ракометната федерација на Македонија (РФМ) официјално ги запре сите натпреварувања во машката Суперлига. По минатонеделното запирање на мечевите на групата А, поради позитивни случаи на ковид-19 во таа група, од вчера двонеделна пауза добија и екипите во групата Б.
– Во согласност со добиените информации од здравствените тестови на играчите и стручните тимови учесници во машката Суперлига во групата Б, по препорака на надлежните државни органи и во согласност со општите превентивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19 и здравствениот протокол на Ракометната федерација на Македонија, натпреварите во групата Б од Суперлигата, во која учествуваат Металург, Бутел, Прилеп, Тиквеш, Младост, Еурофарм Пелистер 2 и Работнички се ставаат во мирување во следните 15 дена – пишува во соопштението од РФМ до клубовите.
Според информациите од РФМ, по 15 дена ќе биде направен нов скрининг и доколку резултатите бидат негативни, тогаш сезоната ќе може да продолжи. Како дел од превентивните мерки за спречување и заштита од ковид-19, РФМ ги извести прволигашките клубови дека на неодредено време се одложува почетокот на сезоната и во Првата лига. Засега останува да се играат само натпреварите во Суперлигата за жени. Та.Д.