Фото: Маја Јаневска-Илиева

Атмосферата е позитивна, секој што е повикан сака да го даде максимумот. Се надевам на успешна мисија во Каиро, вели пикерот Пешевски

РАКОМЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација ги заокружува подготовки во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, за претстојниот пријателски двомеч со шампионот на Африка, Египет, во Каиро, в петок и в сабота. Репрезентацијата се комплетира, од Германија пристигнаа Филип Миркуловски и Жарко Пешевски, а од Португалија голманот Никола Митревски. Македонската репрезентација утре заминува за Каиро.
Овие мини-подготовки се во рамките и за што подобро уигрување на некои нови варијанти и тактики за претстојното Европско првенство (ЕП) во Словачка и во Унгарија, кое за Македонија ќе биде седмо, а шесто во низа. Ривалите во групата А се светскиот првак Данска, Словенија и Црна Гора.
– По подолго време повторно репрезентацијата е заедно. Сѐ тече според планот на селекторот Кирил Лазаров. Работиме одбрана-напад, атмосферата е позитивна, има многу млади ракометари и секој што е повикан сака да го даде максимумот. Задоволен сум од мојата форма во Штутгарт, иако секогаш може да биде подобра.

Секој натпревар е ново докажување и јас така се подготвувам. За мене Египет е селекција меѓу првите пет на светот, одлично тактичко-технички поткована, со одлични поединци и докажан тренер како што е Парондо, кого сите добро го познаваме. Но со максимално залагање се надевам дека ќе се покажеме во многу подобро светло, отколку од претходниот натпревар на СП. Ова, сепак, се пријателски натпревари и се надевам на успешна мисија во Каиро. За ЕП е рано да се зборува иако овој собир е еден вид увертира за таму. Македонија е во многу тешка група, но сметам дека со сите можеме успешно да се носиме, а тоа го покажавме и во квалификацискиот циклус. Ќе се подготвуваме чекор по чекор, нема залетување. Времето е наш сојузник – вели репрезентативецот Пешевски.