Задоволни сме и среќни што успешно го реализиравме 14-то издание на летниот камп, кој помина во одлична работна атмосфера, рече директорот на Ракометната академија Металург, Марјан Велевски, по новото издание на најстариот летен ракометен камп во Македонија
Успешно заврши 14-то издание на летниот камп на Ракометната академија Металург, кој и годинава се реализира на бреговите на Охридско Езеро, во хотелот „Десарет“ во Охрид. Младите кампери на Металург неуморно тренираа, уживаа, се капеа и се забавуваа на најстариот летен ракометен камп во Македонија.
– Задоволни сме и среќни што успешно го реализиравме 14-то издание на летниот камп на Ракометната академија Металург. Кампот помина во одлична работна атмосфера, за што прво сакам да ги пофалам децата, за нивната посветена работа и дисциплината за време на кампот, а, исто така, и тренерите за нивното залагање, одговорноста и за посветеноста, со кои работеа на тренинзите и надвор од нив – рече директорот на Ракометната академија Металург, Марјан Велевски.
Покрај напорните тренинзи на отвореното ракометно игралиште на хотелот „Десарет“, камперите на Металург одиграа и неколку меѓусебни натпревари, а одигран беше и пријателски натпревар со школата на Металург од Охрид, Сани 14.
За разлика од претходните години, овој камп имаше и натпреварувачки карактер така што на последните два тренинга беа тестирани ефикасноста, брзината и координацијата на камперите. Како најефикасен шутер заврши Даниел Јанкуловски, втората позиција ѝ припадна на Ива Петрова, а на третата позиција е Петар Спасовски. На тестот за брзина и за координација најдобар беше Виктор Саров, втор беше Бојан Илиевски, а третото место му припадна на Михаил Митановски.
– Шести пат го имав задоволството да предводам група на летниот камп на Металург и можам да кажам дека годинава ги имавме најдобрите услови за работа со најголема поддршка од нашите спонзори, кои се погрижија децата во ниту еден момент да не почувствуваат жед или недостиг од енергија. Среќни сме што имаме неуморни деца секогаш расположени за тренинг и за забава. Искуствата говорат и дека по учеството на кампот на Металург децата со уште поголем ентузијазам и волја продолжуваат да тренираат и да се надградуваат, а сето тоа резултира со изникнување нови ракометни таленти што е една од главните цели и карактеристики на Металург. Искуствата од кампот се од непроценливо значење и за децата и за нас тренерите што работиме со нив. Кампот е одлична средина каде што се стекнуваат самодоверба и нови вештини, кои во иднина ќе им помогнат да станат подобри личности и спортисти, а ние тренерите ќе добиеме подобри играчи – изјави Тања Димитриоска, тренерка во ракометната академија на Металург.
Слободното време меѓу тренинзите децата на кампот го користеа за разладување во водите на Охридско Езеро, а пак во вечерните часови слободното време на децата беше исполнето со забавни игри од натпреварувачки карактер во кои добиваа голем број награди.