Фото: Дарко Андоновски

Словенија, Македонија и Португалија имаат многу добри ракометни школи и се вистински расадници на таленти, вели левиот бек на Металург, кој претходно играше во Словенија и во Португалија и кој со својата приказна за првите ракометни чекори е олицетворение на народната поговорка „крвта не е вода“

Несудениот кошаркар Александер Шпенде (25), кој зад себе има длабоки ракометни корени, со своите 197 см, со интернационално искуство од Порто (Португалија) и од словенечкиот шампионат, е новиот лев бек на македонскиот вицешампион Металург. Тој се наметна како одлична замена за Халил Јагањац, и заедно со Миха Пучник (30) и Португалецот Гонзало Рибеиро (21) понесува голем товар во играта на Металург. Словенецот пред еден месец стана дел од Металург, а со својата игра (13 гола досега, десетина асистенции, игра во двата правца), само по три натпревари, најави дека ќе биде големо засилување за младата и борбена екипа на тренерот Данило Брестовац.
Со својата приказна за првите ракометни чекори, Шпенде е олицетворение на народната поговорка крвта не е вода и дека гените ја имаат најголемата улога за тоа што е тој денес. Неговиот татко Карло Шпенде и дедо му Мирослав Милетиќ биле истакнати словенечки ракометари, а неговиот дедо е автор и на неколку книги за ракометот. Неколку повреди, пак, биле причина неговиот помлад брат прерано да ја заврши ракометната кариера.

– Ракомет почнав да тренирам во петто одделение, паралелно со кошарка. Причината што почнав со ракомет не беше поради тоа што татко ми и дедо ми биле ракометари, туку што мојот помлад брат беше упорен и ме викаше со него на тренинг да пробам и ракомет. И, се случи љубов на прв тренинг, можеби затоа што ракометот вистински ми е во крвта – раскажа Шпенде за своите почетоци.

Како и сите деца, кога Шпенде почнал да чекори во ракометниот свет имал свој идол, а имал и многу тренери на патот кон успехот.

– Кога бев мал, мој идол беше Филип Јиха, но како што растев и созревав, сѐ повеќе се трудев да пораснам како играч, за еден ден да стигнам на нивото на мојот идол. Така, растејќи и тренирајќи, сменив многу тренери и од секој од нив научив по нешто корисно, но најблагодарен сум му на мојот тренер Себастијан Совиќ, кој родителски ме поддржа по повредата на коленото, ми даде шанса и веруваше во мене и, благодарение на него, го изгубив целиот страв што го чувствував по повредата – се присети Шпенде.

Тој е поранешен младински репрезентативец на Словенија, кој својата професионална кариера ја почнал во Марибор (2011 година), во два наврати бил дел од екипата на Горење (2012/2014) а минатата сезона играше за Порто.

– Можам да кажам дека Словенија, Македонија и Португалија имаат многу добри ракометни школи и се вистински расадници на млади таленти. Но исто така забележав дека сите три ги поврзува една иста работа – во сите три земји има по два силни клуба што имаат малку поголем буџет и играат за шампионската титула. Во Словенија тоа се Целје и Горење, во Македонија се Металург и Вардар, а во Португалија се Спортинг и Порто. Пред седум-осум години, кога бев млад играч, беше поинаку, клубовите имаа повеќе пари и младите ракометри ретко добиваа шанса да играат во првиот тим, за разлика од сега, кога голем број млади ракометари добиваат можност да играат на високо ниво, што е од голема предност за нив – додаде Шпенде.


„Среќен сум што дојдов во Металург, клуб со традиција и со развојна визија“

Среќен сум што дојдов во Металург, клуб со традиција и со развојна визија за својата иднина. Особено ме прави задоволен тоа што сум дел од одлична ракометна средина составена од млади и талентирани ракометари, кои одлично ме прифатија. Ќе се потрудам во секој меч да го дадам најдоброто од себе, да забележиме што повеќе победи, да му бидеме конкурентни на Вардар и со нашата игра и резултати да ја вратиме публиката. Имаме млада и перспективна екипа, која може и знае да прикаже одличен ракомет, треба само да продолжиме со добрата работа, а резултатите сами ќе дојдат, изјави Александер Шпенде, левиот бек на Металург.