Во првенството на Данска се користи проверка на видеоснимка за спорни ситуации, само по еднаш на меч, ако тренерот има на располагање тајмаут, а ако снимката покаже дека судиите биле во право се губи правото на еден тајмаут и се досудува седмерец за противникот
По предлог од данската судиска двојка Мадс Хансен и Мартин Геринг, Европската (ЕХФ) и Светската ракометна федерација (ИХФ) во данската лига дозволија тестирање ново правило во ракометот т.н. „видеочелинџ“. Воведувањето на ова правило за проверка на спорни ситуации им дава можност на тренерите да побараат прегледување видеоснимка од момент на натпреварот, односно корекција на судиска одлука.
Ова правило доаѓа како надградба на веќе имплементираната видеотехнологија од ИХФ и од ЕХФ на Европското првенство (ЕП) во Хрватска во 2018 година, со која судиите имаа можност да побараат прегледување видеоснимка за спорна ситуација. Меѓутоа експериментот е проследен и со низа правила.
Така, само тренерот со А-лиценца на клупата има право да го достави картон до записничката маса за да побара прегледување видеоснимка. Потоа, видеочелинџ може да се побара само еднаш во текот на натпреварот и тоа доколку тимот не ги искористил тајмаутите. Челинџот одзема право за еден тајмаут. Доколку тајмаутите се искористени и се побара видеочелинџ тогаш следува казна седмерец за екипата што неправилно ја прекинала играта.
Тренерот може да побара челинџ и кога неговата екипа е во посед на топката и кога противникот ја има топката. Доколку неговата забелешка на судиската одлука е неисправна, тогаш следува казна седмерец. Доколку, пак, судиите по прегледувањето на снимката се согласат со забелешката на тренерот судиската одлука ќе биде променета, екипата ќе го добие назад правото на тајмаут, но не и правото за нов челинџ. А доколку не се согласат со тренерската забелешка, екипата го губи правото за тајмаут.
Потоа, ако некој од тренерите неправилно побара прекин за прегледување на играта во ситуација кога противникот има јасна позиција за гол, за него следува дисциплинска мерка син картон и играта продолжува со седмерец за противничката екипа. Ако по прегледаните снимки не може јасно да се види дадената ситуација, играта продолжува таму каде што била прекината. Меѓутоа, ако екипата што била во напад била во позиција за постигнување гол добива седмерец, но во таа ситуација тренерот не добива дисциплинска казна.
Ако судиите погрешат во дадена ситуација и ја одземат топката од тимот што е во напад, тренерот може да почека, противникот да го заврши контранападот па потоа да побара челинџ. Доколку е во право, противничкиот гол нема да важи и ќе им биде вратена топката во посед, но доколку тренерот погреши тогаш му се покажува син картон и пенал за противничката екипа.
Видеочелинџ во оваа експериментална фаза ќе може да се бара единствено на натпреварите што директно се пренесуваат на ТВ.