Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот Гонзалес денеска треба да го одржи првиот тренинг (без Миркуловски и без Талески) од подготовките за двата меча со Романија (в недела во Скопје и на 13 јуни во Клуж), за пласман на СП 2019

Македонската машка ракометна репрезентација денеска ги почнува подготовките за бараж-дуелите со Романија (в недела во Скопје и на 13 јуни во Клуж) за пласман на Светското првенство в година во Германија и во Данска. Селекторот Раул Гонзалес прозивката ја закажа во 16.30 часот во хотелот „Александар Палас“, а еден час подоцна, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ракометарите ќе го одржат првиот тренинг.
На подготовките Гонзалес на располагање ќе има 20 ракометари, а поради обврски кон своите клубови Вецлар и Левен, првите тренинзи од подготовките ќе ги пропуштат централниот бек Филип Миркуловски и левиот бек Филип Талески. Тие синоќа ги играа мечевите од последното коло од Бундес-лигата. Тимот на Талески со победа против Лајпциг и пораз на лидерот Фленсбург на домашен терен против Гепинген може вторпат да го освои шампионскиот пехар.

За подготовка на репрезентацијата, Гонзалес и стручниот штаб на располагање ќе имаат шест дена, во кои ќе се работи на техничко-тактичка синхронизација на селекцијата, за да може на дело да се реализира тактика предвидена за двата бараж дуели.
Пред првиот тренинг на сениорската репрезентација, со подготовки почна и комбинираната репрезентација, која ќе ја претставува Македонија на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија.
Репрезентативците што не се дел од А-селекцијата ќе работат под водство на Роберто Парондо Гарсија, а по завршувањето на квалификациските бараж-мечеви со Романија репрезентацијата ќе се комплетира. На медитеранскиот список го нема Филип Талески, па лидери на селекцијата во Тарагона се очекува да бидат Жарко Пешевски, Филип Кузмановски и Гоце Ојлески. 


Влезници од 100 и од 200 денари

Влезниците за бараж-дуелот на македонската ракометна репрезентација за пласман на Светското првенство в година, против Романија, кој ќе се игра на 10 јуни во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, се пуштени во продажба во сите продажни места на МК-тикетс и онлајн на www.mktikets.com. Цената на влезниците е 100 и 200 денари, во зависност од местото во салата.