Работевме на некои детали во играта што ги планирам во иднина, но без голем притисок, во релаксирачка атмосфера, за да можеме што подобро да ја надградуваме нашата игра, вели селекторот Лазаров
Македонската машка ракометна репрезентација денеска попладне треба да отпатува во Каиро, на претстојниот пријателски двомеч со шампионот на Африка, Египет, утре и в сабота. Македонските репрезентативци претходно одржаа мини-подготовки во Скопје, за што подобро уигрување на некои нови варијанти и тактики за претстојното Европско првенство (ЕП) во јануари в година (во групата А со Данска, Словенија и со Црна Гора).
– Максимално го искористиме времето, трениравме двапати дневно, имаше желба и ентузијазам за работа, дисциплина, што посебно ме радува. Работевме на некои детали во играта што ги планирам во иднина, но без голем притисок, во релаксирачка атмосфера, а имавме и две сеанси на гледање видеоматеријали, една од нашата игра, а другата на играта на нашиот противник што ни следува, за да можеме што подобро да ја надградуваме нашата игра. ЕП е тежок и огромен предизвик, но, имаме идеја, имаме наши цели, се надевам со квалитетна работа ќе ја заслужиме и среќата, која е и неопходна на вакви големи натпреварувања и дека ќе одиграме квалитетно – рече селекторот Кирил Лазаров.
Египет, кој го предводи Шпанецот Роберто Гарсија Парондо, е мошне квалитетен, има 16 настапи на светски првенства, првпат во 1964 година, а најдобриот пласман е во 2001 година, кога беше четврти.