Во рамките на неодамнешното Европско првенство во Стокхолм се одржа состанок на претставници на федерациите и на клубовите, на кој една тема беше идејата за намалување на обемот на топките за сите категории
Намалување на обемот на ракометната топка вторпат се најде како предлог-промена на состанокот на федерациите и клубовите, кој во рамките на неодамнешното Европско првенство се одржа во Стокхолм минатиот викенд. Претходно, истиот предлог беше тема на состанок на Светската ракометна федерација (ИХФ), во август минатата година.
Според информациите, предлогот е топките што се користат во машка конкуренција да бидат помали за околу два и пол сантиметри во обем. Топките што се користат во женска конкуренција да се намалат за еден до еден и пол сантиметар, а тие во помалите категории би се намалиле за половина сантиметар во обем. Првичните реакции се поделени.
– Освен тоа што играта би добила атрактивност за гледачите, не гледам ништо позитивно во овој предлог. Со намалувањето на обемот на топката ќе се зголеми брзината на шутовите, ќе се зголеми бројот на головите, а нам голманите ќе ни биде потешко да ги одбраниме тие побрзи шутеви – вели репрезентативниот голман Никола Митревски.
Идејата за намалување на топката е неприфатлива и за десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски, кој не гледа практична причина зошто би се намалил обемот на топката.
– Не ми се допаѓа идејата за намалување на обемот на топката. Ако се случи тоа, ќе се промени целата игра. Координацијата и контролата на топката нема да бидат исти, јачината на шутот ќе биде поголема, а со тоа и голманите многу потешко ќе ги бранат силните удари, кои од друга страна многу посериозно би се одразиле на нивното здравје, доколку некој удар им заврши во главата. Затоа сметам дека нема потреба од ваква промена – смета македонскиот репрезентативец Филип Талески, кој го имаше најбрзиот шут (141 км/ч) на Европското првенство годинава.
Спротивставени мислења во однос на намалувањето на обемот на топката имаат поранешните селектори Стефче Стефановски (поранешен голман) и Илија Темелковски (поранешен играч).
– Со намалување на обемот топката од почеток ќе се минимизира улогата на голманот во тимот. Ќе се загубат смислата и убавината на играта. Факт е дека со помала топка играчите ќе имаат попрецизни додавања, би се намалил бројот на технички грешки, но, сепак, треба да се мисли на целокупниот ефект и на голманите. Со сегашната топка и со сегашното темпо на игра, на натпревар се постигнуваат по 55-60 па и 70 гола, а кога би се намалила токата, тогаш би имало канонада од голови. Ќе се загуби убавината на играта, а голманите ќе станат топовски месо – смета Стефановски.
Темелковски, пак, смета дека намалувањето на топката ќе донесе техничко-тактички подобра игра.
– Сметам дека со намалување на топката од големина тројка на два и пол, ќе се подобри преносот на топката за време на играта, играчите ќе имаат посилен шут, подобра контрола врз топката, а со тоа ќе се намали бројот на технички грешки и ќе се зголеми динамиката на играта. Единствена мана на ова намалување ќе биде послабиот ефект на голманите, поради зголемената брзина на шутот – смета Темелковски.
Први со негативни забелешки за намалување на обемот на топката истапиле Данците, кои како главен недостаток го навеле тоа што ќе се зголеми брзина на шутот и можните последици по здравјето на голманот доколку биде погоден во пределот на главата.
Во врска со топките, ИХФ поведе иницијатива за евентуално воведување топка за која нема да треба да се користи лепак. Топката веќе била тестирана во Франција, а резултатите биле позитивни. Ако сѐ оди како што треба, Светското јуниорско првенство во женска конкуренција годинава ќе биде прв официјален мундијал на кој ќе бидат користени новите топки со име „Бол бол“.