Од Собранието на РФМ

Враќање на учесниците во Регионалната лига во регуларниот дел од натпреварувањето во домашната Суперлига беше една од главните теми на годинашното собрание на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) викендов.
Темата ја предложи претставникот на Металург, Филип Христов, кој рече дека во момент кога поставуваме систем за силна лига, македонскиот ракомет ќе добие квалитет и посетеност само со приклучување на тимовите од Регионалната лига во регуларниот дел од домашното првенство.

По дискусијата предлогот беше прифатен од Собранието, со забелешка дека до 31 мај е потребно да се одржи конференција на клубовите од Суперлигата за да се дефинира систем на натпреварување за сезоната 2021/2022.

На маса беше и предлогот вторите клубови на најдобрите екипи, во случајов Металург 2, Вардар Јуниор и Еурофарм Пелистер 2, во иднина да не играат во елитното друштво и тоа да биде забрането, затоа што има судир на интереси. 


За четири сезони бројот на клубови зголемен за повеќе од 50 отсто

Во сезоната 2015/2016 во Македонија имало 101 клуб, а сега има 156, со вкупно над 10.000 регистрирани ракометари и ракометарки во сите возрасни категории

Покрај стандардните извештаи за настапите и за остварувањата на ракометните селекции на континенталните натпреварувања во изминатите 12 месеци, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, се осврна и на новите моменти во развојот и сѐ поголемата популарност на ракометот во земјава.
– Среќни сме што бројот на клубови е во континуиран раст, така што од сезоната 2015/2016, кога имавме 101 регистриран клуб, сезонава бројката изнесува 156 клуба, а можеме да се пофалиме и со повеќе од 10.000 регистрирани ракометари и ракометарки во сите возрасни категории – изјави Мукаетов.
Мукаетов ја пофали работата и на Здружението на ракометните тренери на Македонија, кое во моментов има регистрирано 391 тренер, кои биле дел од едукативните семинари во согласност со конвенцијата РИНК и 124 лиценцирани тренери, кои водат тимови во рамките на натпреварувањата на Ракометната федерација на Македонија. Та.Д.