РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Магдебург со победата во првата сезона на Лигата на Европа, поранешен Куп на ЕХФ, стигна до 10-от европски трофеј, а четврти во ова натпреварување (има и три во ЛШ). Германија го прокнижи 25-от пехар и уште еднаш ја потврди својата доминација во второто по ранг европско клупско натпреварување

Ракометарите на Магдебург се победници во првото издание на Лигата на Европа (ЛЕ) на Европската ракометна федерација (ЕХФ), поранешен Куп на ЕХФ, по одлична игра во финалето на завршниот турнир, на мечот со својот добро познат ривал од германската Бундес-лига, Фуксе Берлин, во кој Магдебург победи со 28-25.
Во мечот за трето место победата му припадна на германскиот Левен, на дуелот со полската Висла (32-27). Претходно во полуфиналните средби Магдебург се намачи за победа (30-29) на средбата со полскиот вицепрвак, а „лисиците од Берлин“ славеа на дуелот со „лавовите од Мајнхајм“ победувајќи со 35-32.
Одличната одбрана на Магдебург на чело со маестралниот дански чувар на мрежата Јаник Грин, беа клучот за триумфот на тимот на тренерот Бенет Вигерт. Магдебург по 14-годишна пауза стигна до 10-от европски трофеј, а четврти во ова натпреварување. Магдебург има три титули од Лигата на шампионите (во 1987, 1981 и во 2002 година), четири од ЛЕ (1999, 2001, 2007 и 2021) и три од Суперкупот на ЕХФ (1981, 2001, 2002).

– Ова е неверојатна емоција. Толку долго чекавме европски трофеј, се надевавме и сонувавме и сега сме тука. Во финалето едноставно покажавме за што сѐ сме способни – изјави централниот бек на Магдебург, Словенецот Марко Безјак.
Со триумфот на Магдебург, Германија го прокнижи 25-от трофеј и уште еднаш ја потврди својата доминација во второто по ранг европско клупско натпреварување. Втора на оваа листа е Шпанија со пет триумфи.
Со 17 одбрани зад своето име и 41 отсто ефикасност, голманот на Магдебург, Грин, го доби признанието за најкорисен играч (МВП) на финалето, а со 96 постигнати гола, левото крило на ГОГ, Емил Јакобсен, сезоната ја заврши како најдобар стрелец во ЛЕ.


Тренерите на Магдебург славеа и како играчи на тој клуб

Претходниот трофеј во второто по ранг натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Магдебург ја освои во 2007 кога во финалето го победи шпански Арагон. Во 2002 година, пак, кога Магдебург го победи Веспрем и ја освои Лигата на шампионите (ЛШ), дел од победничкиот тим беше денешниот тренер Бенет Вигерт, а неговиот помошник, Ив Графенхорст, беше дел од победничкиот тим на Магдебург во 2007 година во Купот на ЕХФ.


„Малите работи носат голем успех“

Малите работи се многу важни и носат голем успех, а овој викенд ние точно ги направивме сите мали работи. Јадевме и спиевме добро, се одморавме, внимателно ги проучувавме видеоанализите, си помагавме меѓу себе и се фокусиравме на она што секој од нас требаше да го направи. Мислам дека овие мали работи ни го донесоа овој голем успех, изјави пикерот на Магдебург, Магнус Гулеруд. Та.Д.