Русија е рекордер со четири титули на светските првенства во ракомет за жени
Ракометните селекции на Норвешка и на Холандија од групата 1 и репрезентациите на Русија и на Шпанија од групата 2 се четирите што обезбедија пласман во полуфиналето на Светското првенство за жени, кое се игра во Јапонија. Утре на програмата се полуфиналните мечеви Норвешка – Шпанија и Русија – Холандија.
Норвешка и Холандија беа дел од полуфиналните дуели и на претходното СП во 2017 година, на кое Норвежанките ја освоија вицешампионската титула, а Холанѓанките третата позиција. По осумгодишна, односно десетгодишна пауза, во врвот на СП се враќаат Шпанија, односно Русија. Шпанија претходен пат дел од големата четворка беше на СП 2011, кога го освои третото место, а златната ера на Русија беше прекината по СП пред 10 години, кога Русинките стигнаа до рекордното четврто злато.
Одличен настап на СП во Јапонија имаа и селекциите на Србија и на Словенија, кои како третопласирани во двете групи ќе разигруваат за петтото место, а со тој пласман си обезбедија место во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио. Место во квалификациите за ЛОИ 2020 ќе има и за победникот од дуелот Шведска – Германија, кои ќе се сретнат во меч за седмата позиција. Домаќинот Јапонија и селекцијата на Данска ќе разигруваат за деветтото место, а Јужна Кореја и Романија ќе се сретнат во дуел за 11-то место.
ПОЛУФИНАЛЕ НА СП 2019
Норвешка – Шпанија петок, 9.30 ч.
Русија – Холандија петок, 12.30 ч.
почетокот на мечевите е според средноевропско време