Титулата на Кристијансанд е втора во историјата на ЛШ за еден норвешки тим, по Ларвик во 2011 година. За Мерк, Лунде и за Локе ова е петта титула со трет различен клуб

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ЖЕНИ

Норвешкиот првак Кристијансанд е освојувач на ракометната Лига на шампионите (ЛШ) во женска конкуренција, откако по 60-минутна доминација во финалето на фајналфор-турнирот во Будимпешта го надигра францускиот вицепрвак Брест, со 34-28 (18-14). Титулата на Кристијансанд е втора во историјата на ЛШ за еден норвешки тим, по Ларвик во 2011 година.
Интересен е фактот што норвешкиот првак во мечевите од групната фаза забележа седум победи, две ремија и пет порази, освојувајќи го петтото место во групата А. Другите учесници на фајналфор-турнирот, Ѓер (единствен без пораз во групната фаза), ЦСКА и Брест ги имаа првите позиции во групата Б. Но во елиминациската фаза на ЛШ, Норвежанките на теренот демонстрираа борбеност и квалитет. Водени од желбата за победа и освојување на европската круна, Кристијансанд во полуфиналето на фајналфор-турнирот на пенали го елиминира бранителот на титулата, Ѓер.
– Чувството е неверојатно. Имавме пеколна сезона со многу патувања, но фантастично е што сме тука и што завршуваме со победа – изјави тренерот Оле Густав Гјекстад, кој беше тренер и на Ларвик во шампионската 2011 година, пишува Европската ракометна федерација на својата интернет-страница.

Нора Мерк, Хајди Локе, Катрин Лунде, Лин Јорум Суланд и Јана Кнедликова додадоа нова европска титула во својата лична колекција. За Мерк, Лунде и за Локе ова е петти трофеј со трет различен клуб. Лунде ги освои титулите и со Виборг и со Ѓер, а Мерк и Лунде со Ларвик и со Ѓер. Кнедликова има три титули со Ѓер, а Суланд беше дел од победничкиот тим на Ларвик.
Голманката Лунде (12 одбрани) и левиот бек Хени Реистад (12 гола) беа движечка сила на норвешкиот тим кон освојувањето на првата европска титула. Со 22 гола на фајналфор-турнирот во Будимпешта, 22-годишната Реистад беше прогласена за најкорисен играч (МВП) на турнирот. Десниот бек на Брест, Ана Грос со 135 гола сезонава го доби признанието за најдобар стрелец.