На ЕП во Полска во јули машката селекција ќе игра против Хрватска, Украина, Швајцарија и против Италија, а женската е во група со Данска, Русија, Украина и со Германија
Селекторот на машката и на женската репрезентација за ракомет на плажа Сашо Србиновски, со своите асистенти Тања Андрејева и Наум Танески, денеска, во 11 часот, во Скопје ќе ги собере своите избраници и избранички за реализација на подготовките за настап на 11-то Европското првенство (ЕП), од 2 до 8 јули во Полска. Македонија со свои селекции последен пат учествуваше на ЕП во 2011 година, во Умаг (Хрватска), каде што мажите го освоија последното, 12-то место, а девојките беа 10-ти во конкуренција на 14 селекции.
– Среќни сме што по повеќе години Македонија со двете свои селекции се враќа на европските натпреварувања во ракомет на плажа, кој, за жал, е слабо развиен и застапен кај нас. Имаме само 10 дена за подготовка на тимовите, во поглед на индивидуалната и колективната поставеност на играта, пред сѐ поради дијаметралната различност на играта во ракометот на песок со ракометот во сала и затоа што за поголем дел од овие момци и девојки ова ќе биде прво вакво искуство – изјави Србиновски.
Подготовките за настап на ЕП ќе се одвиваат во Скопје. Ракометарите и ракометарките двапати дневно до 25 јуни ќе тренираат на песочните терени покрај кејот на Вардар.
Македонската машка селекција ќе биде дел од групата Ц, заедно со репрезентациите на Хрватска, Украина, Швајцарија и на Италија. Девојките ќе бидат дел од групата Д, во која ќе се натпреваруваат со Данска, Русија, Украина и со Германија. Бранители на титулите европски првак се Шпанија во машка и Норвешка во женска конкуренција.
– Свесни сме за квалитетот и за подготвеноста на другите селекции од нашата група, но, исто така, верувам дека овие млади момчиња и девојки ќе дадат сѐ од себе за достојна презентација на Македонија на ова ЕП – рече Србиновски.
На списокот на Србиновски се најдоа тројца ракометари на Струга, двајца од Јуниор Кисела Вода и по еден од Металург, Еурофарм, Пелистер, Охрид и од Аеродром. Кај девојките три ракометарки доаѓаат од редовите на Металург, две од Куманово, по една од Стружанка, Гевгелија, турски Аксарај и една е без клупски ангажман.