Ракометниот камп на Металург е најстариот ракометен камп во Македонија и еден од најстарите во Европа, а 14-то издание ќе се одвива од денеска во Охрид
Хотелот „Десарет“ во Охрид е годинашното собиралиште на учесниците на кампот на Ракометната академија Металург, кој сезонава го бележи своето 14-то издание. Ракометниот камп на Металург е „пионер“ и еден од најстарите ракометни кампови во Европа.
И годинава младите ракометари на Металург ќе уживаат во дружбата, забавата и тренинзите на терените покрај Охридско Езеро, што ќе им биде еден вид награда за одлично одработената сезона во мини-лигата на Металург и на тренинзите во текот на годината.
– Ракометната академија на Металург денеска го почнува 14-то издание на најстариот ракометен летен камп во Македонија. Горди сме што ја продолжуваме традицијата за собирање на нашите најмлади ракометари во еден ваков камп, бидејќи тоа е дел од планираната годишна програма на Академијата. По целогодишно тренирање и натпреварување во мини-лигата, единствениот организиран систем на натпревари за децата од оваа возраст од сите ракометни школи и академии во земјава, учесниците со задоволство го очекуваат кампот. И годинава се решивме за Охрид, како база за кампот, каде што покрај тренинзите и натпреварите, децата во шесте дена ќе имаат и многу време за разонода, игра и за дружење – вели директорот на академијата Марјан Велевски.
Тренинзите и натпреварите за време на кампот ќе се реализираат на отвореното ракометно игралиште во кругот на хотелот „Десарет“, а за разладување и за забава на децата на располагање ќе им бидат хотелскиот базен и езерото.
– Задоволство е да се биде дел од најстариот ракометен камп. Горди сме што имаме традиција, која успешно се реализира 14 години, и што имаме неуморни деца, желни да учат, да тренираат и да се забавуваат. Нивните насмеани лица за време на тренинзите и натпреварите се награда за нашиот труд и работа и причина поради која Металург несебично инвестира во својата иднина и во иднината на македонскиот ракомет – вели Тања Димитриоска, една од тренерите во академијата на Металург.
Покрај редовните утрински и попладневни тренинзи, секоја вечер децата ќе бидат дел од организирани забави за дополнително дружење и за забава, кои ќе имаат натпреварувачки карактер.
Како и секоја година, безбедноста и здравјето на камперите на Металург секогаш се на прво место, така што 24 часа на ден децата ќе имаат дежурен лекар.
За дополнување на потрошената енергија за време на тренинзите и за освежување и разладување на камперите од топлото сонце, се погрижија годинашните партнери и пријатели на ракометниот камп на Металург, „Виталија“, „Македонија осигурување“, „Винер – осигурување“, „Цедевита“, кафе „Ле Петит“ „Субрина“ и ладните чаеви и сокови на „Ладна-Џуси“.