Од денеска до понеделник ќе тренираат 14 ракометари од Металург, Вардар, Еурофарм и од Пролет, потоа почнуваат да се приклучуваат интернационалците, а репрезентацијата треба да биде комплетна на 28 декември. Првиот меч на СП е на 11 јануари, со Јапонија
Македонските ракометни репрезентативци од редовите на Металург, Вардар, Еурофарм и на Пролет од денеска (15.30 ч., мала сала „Борис Трајковски“ во Скопје) до сабота ќе ја одработат првата фаза од подготовките за настап на претстојното Светско првенство во јануари во Германија и во Данска, под водство на Роберто Гарсија Парондо и на Александар Царчев, помошниците на селекторот Раул Гонзалес.
Асистентите на Гонзалес на располагање ќе имаат 14 ракометри, од кои по петмина од Металург (Мартин Томовски, Марио Танкоски, Димитар Димитриоски, Томислав Јагуриновски и Милан Лазаревски) и од Еурофарм (Гоце Ојлески, Горан Крстевски, Никола Марковски, Филип Кузмановски и Филип Чурлевски), потоа тројца од Вардар (Мартин Поповски, Марко Мишевски и Стојанче Стоилов) и еден од Пролет (Ласко Андоновски).
Интернационалците ќе се приклучуваат етапно, во зависност од тоа кој кога ќе заврши со клупските обврски. Репрезентацијата треба да биде комплетна на 28 декември.
Официјалниот почеток на подготовките под водство на Гонзалес е закажан за понеделник во 16.30 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, и ќе трае до 30 декември, по што на ракометарите ќе им следува дводневна пауза за новогодишните празници. Подготовките ќе продолжат на 2 јануари со утрински тренинг, а за 4-ти и за 5-ти се закажани два контролни натпревари со селекцијата на Србија. Мечот на 4-ти (18 часот) ќе биде од отворен карактер, а вториот натпревар ќе биде од затворен тип. Ракометарите во Скопје ќе тренираат до 8 јануари, а следниот ден треба да отпатуваат за Минхен, Германија, каде што ќе имаат уште два дена за тренинг и аклиматизација. Првиот натпревар на СП, Македонија го игра на 11 јануари (15.30 ч.) против селекцијата на Јапонија.
Tретото место во групата носи пласман во следната фаза
За Македонија настапот на Светското првенство во Германија и во Данска во јануари ќе биде шесто учество на ракометните мундијали, четврто во низа. Најдобриот пласман е од Мундијалот во 2015 година во Катар, кога беше освоено деветтото место.
На СП 2019 Македонија е во група Б со Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и со Исланд. Првите три селекции од секоја група ќе се пласираат во следната групна фаза, во која групата на Македонија ќе вкрсти со групата А, во која се Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил и обединетата селекција на Кореја. Од втората фаза по групи првите две селекции од двете групи ќе играат во полуфиналето, третите ќе играат во меч за петтото место, а четвртите за 7-то место.
Со висок пласман на СП 2019 (веројатно подобро од 10-то место, не е прецизирано), Македонија ќе обезбеди место на квалификациски турнир за пласман на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година, кој би се играл пролетта во 2020-та.