Играта и резултатите на овој тим-репрезентација се уште едни во низата индикатори дека португалскиот ракомет со големи чекори оди напред. Годинава кадетската и младинската репрезентација беа четврти на СП, а сениорската ја победи Франција на патот кон првото ЕП по 14 години пауза
Португалскиот ракометен првак Порто го направи најголемото изненадување во 7. коло од Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, победувајќи го единствениот непоразен тим во групите А и Б во досегашниот дел од сезоната, германскиот вицепрвак Кил, на негов терен со 28-27 (13-14). Ако се погледне назад, ова и не е единственото изненадување што го направи португалскиот шампион во изминатите шест кола. Тие ги победија Киелце (33-30) и Мешков (27-25), одигра нерешено со Мотор (35-35) и со Монпелје (23-23), а загубија од Вардар (32-27) и од Веспрем (38-28).
Играта и резултатите на Порто сезонава се уште едни во низата индикатори дека португалскиот ракомет со големи чекори оди напред. Летоска и кадетската и младинската репрезентација на Португалија играа во завршниците на светските првенства, во Македонија, односно во Шпанија (и на двете завршија на четвртото место). Сениорската репрезентација на Португалија, пак, која во својот состав има и натурализирани Кубанци, славеше победа со 33-27 над Франција во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Така, Португалија на ЕП ќе игра првпат по 14 години (во група одново е со Франција), а од мундијалите отсуствува од 2003 година, кога шампионатот се играше во таа земја.
Порто е тим-репрезентација. Девет ракометари на тој клуб се дел од сениорската репрезентација на Португалија. Норвешкиот стратег на клупата на Порто, Магнус Андерсон, е препознатлив по играта седум на шест, која и во дуелот со Кил во Лигата на шампионите се покажа како негово најсилно оружје во нападот, особено во второто полувреме, кога Германците создадоа предност од четири гола.
Со оваа победа на Порто се зголеми неизвесноста за врвот во групата Б, во која Кил со 11 бода е на првата позиција, два помалку имаат Монпелје и Вардар, а со по осум бода се изедначени Веспрем, Киелце и Порто. Уште поизрамнето е во групата А, каде што Барселона и ПСЖ имаат по 12, а Сегед е трет, со 11 бода. Во групите Ц и Д на чекор до пласман во баражот за осминафинале се шпанскиот вицепрвак Бидасоа и романскиот првак Динамо, кои немаат загубено меч во досегашниот тек од сезоната и со по 12 бода се на врвот на табелите.