Во минатата сезона Барселона и ПСЖ играа во групата А, а Веспрем и Кил во групата Б, па полуфиналето на 28 декември ќе биде нивниот трет меѓусебен дуел за таа сезона

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА ЛШ

Кил – Веспрем и Барселона – ПСЖ се полуфиналните двојки за задоцнетото издание на фајналфор-турнирот од ракометната Лига на шампионите (ЛШ) за сезоната 2019/2020, планирана да се игра на 28 и на 29 декември во Келн.
Поради пандемијата на коронавирусот, во март годинава, во пресрет на осминафиналната фаза, беше прекината сезоната во ЛШ, па Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучи место на завршниот турнир во Келн да добијат четирите најдобропласирани тимови по групната фаза. Во минатата сезона Барселона и ПСЖ играа во групата А, а Веспрем и Кил во групата Б, па полуфиналето ќе биде нивниот трет меѓусебен дуел за таа сезона.
Вкупно, за Кил и за Веспрем ова ќе биде четврти меѓусебен меч во полуфиналето на ЛШ. Во претходните три средби двапати победи Веспрем, а еднаш Кил. Двата тима играат во иста група сезонава во ЛШ, а нивниот неодамнешен дуел одигран во Германија заврши нерешено, 31-31. ПСЖ и Барселона првпат ќе се сретнат меѓу себе во полуфинале на Лигата на шампионите.
Тимовите што обезбедија пласман во завршницата нема да бидат во истите состави со кои играа во таа сезона, со повеќе измени во составите поради трансфери во други клубови, но има и неколку што во меѓувреме заминаа во ракометна пензија (Гудјон Валур Сигурдсон, Ким Екдал ду Риц, Виктор Томас и Арпад Штербик).


ПОЛУФИНАЛЕ, СЕЗОНА 2019/2020

Кил – Веспрем 28.12
Барселона – ПСЖ 28.12

финалето е закажано за 29 декември