Toa е билансот на македонската женска ракометна репрезентација по трите пријателски натпревари на контролниот турнир во Анталија, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ)
Реми со Италија (29-29), победа над Б-селекцијата на Турција (37-19) и пораз од А-репрезентацијата на Турција (42-33) е билансот на македонската женска ракометна репрезентација по трите пријателски натпревари викендов на контролниот турнир во Анталија, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Вчера ракометарките имаа слободен ден, а денеска (15 ч.) во последниот пријателски меч на турнирот ќе се сретнат со селекцијата на Косово.
Селекторот Симе Симовски на турнирот во Турција поведе релативно изменет и подмладен состав за спроведување нова стратегија за подмладување на репрезентацијата, со која полека им дава шанса на оние девојки што го поминале селектирањето од пионерки, кадетки, младинки, прво во своите клубови, па и во репрезентацијата. Во составот на селекцијата на Симовски има седум-осум млади ракометарки што на овие мечеви добија шанса да ги демонстрираат својот квалитет и игра.
Во првиот меч, по лошата игра во првото полувреме (13-16), избраничките на Симовски одиграа многу подобро во продолжението од дуелот со Италија, кој заврши без победник, 29-29. Рутинска победа беше остварена над Б-селекцијата на Турција, при што дел од новите имиња во репрезентацијата одлично ја искористија дадената шанса. Андреа Седлоска постигна 11 гола, Александара Боризовска седум, а по шест реализации запишаа Марија Тасевска и Јована Кипријановска. А-селекцијата на Турција ги искористи заморот и неискуството на подмладениот македонски состав и забележа висока победа (42-33) во третиот пријателски натпревар на турнирот.