При сублимирањето на придобивките и пропуштените шанси на ова СП, не треба да се изостави фактот дека Македонија на овој шампионат, за разлика од претходните, настапи со подмладен состав, со шест дебитанти и доби повеќе играчи за идните големи натпреварувања
Македонската машка ракометна репрезентација со победа над Чиле го заврши настапот на 26-то ракометно Светско првенство (СП), кое првпат се игра во две земји, во Германија и во Данска. По оваа победа, македонските ракометари вторпат по ред се пласираа на 15-то место на мундијалите, на кои најдобар пласман е деветтото место од СП 2015 во Катар.
Тешко е веднаш по меч да се прави анализа и да се донесува заклучок за одиграното и оствареното на овој Мундијал. Факт е дека имавме грешки, кои мора да ги поправиме во иднина. Разликата од претходниот Мундијал до овој сега е нашата возраст како репрезентација. Ние имавме една од најмладите екипи на првенството. Игравме седум меча во 11 дена и треба на сите да им се честита, особено на постарите, кои поминаа повеќе време на теренот и ги бранеа боите на Македонија.
Не сум задоволен, но не сум ни разочаран. Добро е што со победа го завршивме СП, без разлика на тоа што ни се случуваше во претходните натпревари. Добро е што младите играчи добија шанса и видоа како е да се игра на СП и како се стигнува да победа. Ако се фатиме за работа, во оваа репрезентација лежи голем потенцијал, изјави капитенот Кирил Лазаров по мечот со Чиле.
Македонските ракометари наидоа на силно мотивираниот состав на Чиле, кој на овој шампионат ја прикажа својата најдобра игра досега и го оствари најдобриот пласман во својата мундијалска историја. Македонската репрезентација беше предводена од капитенот Кирил Лазаров, кој во одлучувачките моменти, како и секогаш, ја зеде работата во свои раце, со серија голови ја врати самодовербата во македонскиот состав, кој стигна до третата победа на Мундијалот. Лазаров со девет гола, левото крило Дејан Манасков со седум и пикерот Стојанче Стоилов со пет гола беа најефикасни во македонскиот состав.
На ова СП Македонија беше дел од групата Б, заедно со актуелниот европски првак Шпанија, потоа со Хрватска, Исланд, Јапонија и со Бахреин, во која успеа да забележи две победи, над азиските претставници Јапонија (38-29) и Бахреин (28-23), и три порази, од европските селекции Хрватска (22-31), Шпанија (21-32) и Исланд (22-24).
Според новиот систем на натпреварување, двете победи на Македонија не беа доволни за пласман во главната рунда од натпреварувањето, така што македонските ракометари натпреварувањето го продолжија во делот за пласман од 13-то до 16-то место. Во првиот дуел од продолжението, противник на Македонија беше селекцијата на Русија, која во саботата со одличната и цврста игра во одбраната и мотивираниот напад стигна до својата втора победа на СП, овој пат со 30-28, закажувајќи дуел за пласман на 13-та позиција со селекцијата на Катар, која беше подобра во дуелот со Чиле (37-27).
При сублимирањето на придобивките и пропуштените шанси на ова СП, не треба да се изостави фактот што Македонија на овој шампионат, за разлика од претходните, настапи со подмладен состав, во кој селекторот Раул Гонзалес имаше храброст да вклучи шест дебитанти (Филип Чурлевски, Марио Танкоски, Горан Крстевски, Мартин Серафимов, Милан Лазаревски и Златко Даскаловски). Тргнувајќи токму од тој факт, овој пласман на Македонија не треба да се оквалификува како неуспешен, бидејќи на ова СП Македонија доби нови репрезентативци за идните големи натпреварувања.
Статистички, Македонија не одигра полошо на овој шампионат во споредба со претходниот во Франција, на кој заврши на 15-та позиција во конечниот пласман. И пред две години и сега најголем проблем на македонските ракометари беше реализацијата на т.н. зицери (стоотстотни шанси за гол). Во Франција на шест дуели беа промашени 66 чисти ситуации очи в очи со голманите (11 во просек по натпревар), а до пред мечот со Чиле (кој е седми по ред на ова првенство) Македонија имаше 53 нереализирани чисти ситуации (8,8 по меч).
И на тоа првенство македонскиот тим нападите ги градеше со игра седум на шест. И тогаш Македонија имаше најмногу погодоци од линијата од шест метри (58 гола), една третина од вкупниот број постигнати голови (163 вкупно), и сега ефектот е ист, 51 гол од шест метри од вкупно 159 (до пред дуелот со Чиле). Има напредок според бројот на меѓусебни проигрувања, асистенции во просек по меч. Тогаш просекот бил 15,5 по меч, а сега е 17,2 асистенции по натпревар, а споредбено со другите репрезентации на ова СП Македонија со 121 асистенција е меѓу водечките селекции во таа статистичка категорија, за разлика од претходното првенство, на кое со 93 асистенции беше во средината на таа табела.
За разлика од сега, над Македонија во Франција биле досудени повеќе пенали (тогаш 22, сега 16), биле досудени и повеќе исклучувања и жолти картони, што покажува дека македонскиот национален тим тогаш имал поцврста одбрана за разлика од сега, кога бил санкциониран со 21 исклучување и осум жолти картони, или, пак, судискиот критериум бил поостар од актуелниот мундијал.
Кирил Лазаров убедливо води во трката за МВП
Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров групната фаза на 26-то Светско првенство во Германија и Данска ја заврши како најкорисен (МВП) ракометар со 55 поени (30 постигнати гола и 25 асистенции). Зад него беше данската ѕвезда Микел Хансен со 49 поени (35 гола и 14 асистенции). Лазаров својата голгетерско-асистентска доминација ја продолжи и по мечевите во саботата, па по седум меча на СП тој имаше 86 поени (48 гола и 38 асистенција), а Хансен по шест меча 60 поени. Лазаров со дуелот со Чиле го заврши настапот на СП, а некои од конкурентите, како на пример Хансен, ќе имаат барем уште три дуела (можеби и четири, ако репрезентацијата на играчот се пласира во полуфиналето).
ПЛАСМАНИ НА МАКЕДОНИЈА НА СП
1999 18
2009 11
2013 14
2015 9
2017 15
2019 15