Македонската ракометна репрезентација во подмладен состав го совлада Чиле со 25-21 (15-11), во првата од двете меѓусебни средби.
Македонија стекна предност од четири гола разлика кон средина на првото полувреме која ја задржа и до паузата. Избраниците на селекторот Данило Брестовац остварија рутинска победа со сигурна игра во вториот дел.
Мартин Серафимов и Жарко Пешевски беа најефикасни кај Македонија со по пет гола.
„Црвено-жолтите“ ќе ја одиграат втората средба со Чиле в недела. Овие дуели се во рамки на подготовките на националната селекција за квалификацискиот двомеч против Данска во март, за пласман на ЕП 2022 во Словачка и во Унгарија.
Македонија е и „прва резерва“ за претстојниот Мундијал што треба да се игра од 13 до 31 јануари, доколку некоја од 32-те репрезентации поради каква било причина го откаже учеството.